МекДоналдс изгореа од размазени Американци

Пред неколку децении, фаст фуд ланецот МекДоналдс во својата матична земја изгубија милионски судски спор откако муштерија им се изгорел од кафето па мораа на чашките да напишат „Ова е врело.“ Сега им се изгореле од пилешкото.  

Откако тазе порција пилешки прсти/нагетс се превртела во скутот на девојче кое заработило изгореници од втор степен, нејзината мајка поднела тужба против синџирот за брза храна а поротата во Јужна Флорида го прогласи Мекдоналдс за виновен за сервирање на прежешко пилешко.

Земале „за носење“, мајката им префрлила „хепи милс“ на синот и ќерката на задните седишта, едната порција се превртела на нозете на 4 годишното девојче (патем аутист), некои парчиња заглавиле меѓу појасот и нозете на малата и - тоа е тоа.

Добар дел од судската парница се состоел од тоа што адвокатите на МекДоналдс тврделе дека пилешкото било топло 71 Целзиусов степен што е минимум за да се спречи труење од салмонела додека адвокатите на мајката тврделе дека јадењето мора да било минимум 93 степени, за да се објаснат добиените изгореници.

Поротата им поверувала на вториве а висината на отштетата ќе треба да ја одреди друга порота.

Во 1992 година, 79 годишна жена од Њу Мексико на која в скут ѝ се истурило кафе од МекДоналдс па се изгорела, ја тужеше компанијата и доби три милиони долари.

Тоа што на аутистична ќеркичка од 4 години и нафрлаш порција МекДоналдс на задно седиште од кола (на колку и степени да е), тоа е веќе друга приказна.

 

 

16 мај 2023 - 10:09