Брендон Браун штотуку победи на својата прва НАСКАР трка на Таладега Суперспидвеј во Алабама, кога зад него публиката почна да извикува.
„Можете да ги слушнете скандирањата од толпата“, рече новинарката на NBC Sports, Кели Ставаст, која му земаше изјава: „Let’s go Brandon“
Само што толпата не извикуваше„Let’s go Brandon“, туку „Fuck Jоe Biden“.
Оттогаш „Let’s go Brandon“ стана вирална зезалица, со интересни реперкусии во јавната сфера. На противниците на Бајден, нормално, им се допаѓа. Републиканецот од Јужна Каролина Џеф Данкан носеше маска за лице „Let’s go Brandon“ во Капитол, покрај знак со таа парола позираше и сенаторот од Тексас Тед Круз. Кога Бајден го посети градилиштето во Чикаго за да го истурка својот мандат вакцинирајте или тестирајте, беше пречекан со истата фраза од три збора. Генерално, наместо да се вика „Fuck Jоe Biden“, денес се вика „Let’s go Brandon“.
Раперот Брајсон Греј направи и (глупичка) песна со истиот наслов и успеа да ја избутка Адел од врвот на АјТјунс.
Ама затоа Јутјуб изгледа ја забрани (еве, побарајте ја) и тоа со неверојатно објаснување дека содржела медицински дезинформации?!
На темата се изродија бројни мемиња, капи и маици се продаваат на Амазон, постои дури и крипто-валута.
Од друга страна, сето ова баш многу ги тригерира либералите кои подзаборавија дека со години гордо извикуваа „Fuck Trump“. Роберт Де Ниро тоа го кажа на јавна сцена, на доделувањето на наградите Тони во 2018 па беше награден со овации.
Асошиетед прес фразата ја третираше како да е од докторат по херменевтика па ја дефинираше како „конзервативен код кој означува нешто многу повулгарно и претставува навреда.“ Дејна Милбенк во Вашинтон пост се пожали дека „додека половина од американските лидери се обидуваат да ја водат земјата.... другата половина фрла навреди кон нив.“
Според еден друг коментар, употребата на фразата е ни помалку ни повеќе туку „користење како оружје (weaponising) на една вулгарна дехуманизација на целиот наш демократски експеримент“.
„Нема тука големи мистерии. Навредливиот и груб јазик е дел од политичкиот дискурс. Има тој свое место. Секако, навредувањето на политичарите нема да ја унапреди политичката дебата - на крајот на краиштата, тоа честопати се врти против оние кои пцујат. Но, тоа нема ни да стави крај на политичката дебата. Фан клуб на Бајден навистина треба да се спастри“, пишува Тим Блек.