Колку пати едни исти луѓе можат да го напуштат Твитер?

Деновиве многу западни медиуми кои навиваа за пораз на Трамп, Маск и МАГА екипата, одушевено пишуваа дека луѓе масовно го напуштаат Икс, незадоволни од атмосферата и пред сè токсичноста на платформата, засилена по победата на омразениот Трамп. Проблем е што и лани го напуштаа, и претходната година исто. Упорно го напуштаат и уште поупорно се враќаат, за да може по некое време пак да драмат за атмосферата, токсичноста... 

Можеби деновиве ја забележавте западната медиумска хајка против Икс/Твитер чија „информативна“ суштина беше дека се случува егзодус од Твитер, дека за многумина тоа станала претоксична атмосфера (Дон Лемон) дека „луѓе масовно го напуштаат Икс и преминуваат на Блускај“....

Новинарите сметаат дека публиката им има меморија како златна рипка, пишува Марио Накиќ па потсетува како тоа изгледаше лани:

По преземањето на Твитер од Маск, истите познати фаци и новинари кои сега наводно го напуштаат Твитер, тоа го направија и минатата година. И претходната. Тие го прават тоа буквално секоја година. А медиумите секоја година го реемитуваат тоа како некаков „егзодус“.

Лани медиумските перјаници се префрлаа на Мастодон. Што бидна со тоа, знае некој? Она што е сигурно е дека сите тие тивко се вратија на X, за сега повторно да го напуштаат на сите ѕвона.

Икс а следствено и Маск, меѓу другото е презрен затоа што центрите на моќ немаат контрола врз содржините, нешто што Закерберг од Мета им го даде под закана на големи тужби.

Медиумите се ситеа како Твитер брзо губеше берзантска вредност под раководство на Маск но тој им кажа дека тоа е цена која сака и може да ја плати за слободата на говорот и дека неговиот проект со Твитер најмногу може да го чини 44 милијарди долари, колку што даде за да го купи. А тоа му се може. 

Заканите кон него, и од европските цензори и од американските демократи, само го приближија кон Трамп и сега од сосема поинаква позиција може да се справи со заканите.

На Блускај генерално се левичари кои сами себе си кажуваат колку се добри, убави и паметни, а колку другите се глупи. Тоа може да биде пријатно дружење и може да трае извесно време, но со оглед на тоа што најважно им е да го шират својот наратив, наскоро ќе сфатат дека не е баш целисходно тоа да се вергла во круг на истомисленици, што, како што забележа Бил Мар, раѓа идеи кои се ретардирани затоа што се правени во идеолошки инцест.

„Порано или подоцна, ќе мора да излезат од тој балон и да им се придружат на неистомислениците. Тоа е  најголемата предност на Икс - социјална мрежа во која ќе најдете протагонисти на сите можни светогледи и политики. Тие меѓусебе разговараат, често се караат, понекогаш тоа може да изгледа многу грдо - но таквите дискусии се неопходни за развојот и напредокот на општеството“, пишува Накиќ.

18 ноември 2024 - 19:30