Колку милијарди вреди животот на милијардерите?

Виетнамска ултра богаташка која се бави со недвижнини загуби на апелација за преиначување на смртната казна во доживотен затвор, донесена поради еден нејзин огромен финансиски скандал во кој беа ојадени десетици илјади луѓе. Труонг Му Ланг сепак може да си го спаси животот, ако најде и врати барем девет милијарди долари. Ќе бараш по роднини, пријатели, што ќе правиш.

Фото: ЕПА

Лан беше осудена на смрт во април годинава за проневера на 12 милијарди долари од Комерцијалната банка Сајгон, случај што ја шокираше земјата.

Поднесе жалба против казната, барајќи од судот да размисли за „поблаг и похуман пристап“. Судиите ја потврдија смртната казна, велејќи дека не нашле олеснителни околности.

Според виетнамскиот закон, Лан сепак би можела да си го спаси животот ако врати три четвртини од проневерените средства. Во тој случај, казната може да ѝ биде претворена во доживотен затвор.

Таа е една од најголемите тајкуни во Виетнам. Поседува трговски центар, пристаниште, луксузни станбени комплекси во градот Хо Ши Мин....

Лан немала извршна власт во банката, но поседувала 91,5 отсто од акциите. Поднесувала лажни апликации за заеми и повлекувала пари цели 11 години. Нејзините заеми сочинуваат 93% од вкупните кредити што ги дала банката, па на крај - како во Еуростандард -  десетици илјади луѓе ги изгубија своите заштеди.

Лан беше прогласена за виновна за проневера на 12,5 милијарди американски долари, иако обвинителите тврдеа дека вкупната штета е 27 милијарди долари, еквивалентно на околу 6% од БДП на земјата.

Заедно со неа, за овој случај на суд завршија уште 85 луѓе.

Инаку, Лан претходно веќе е осудена на доживотен затвор за перење пари а смртната казна во Виетнам, од 2011 година, се извршува со инекција. Претходно се стрелало, вика ЧетГПТ.

3 декември 2024 - 13:24