На 25 март се случува еден од најсмртоносните пожари во историјата на САД кога се запалува зградата во која е сместена текстилната фабрика Триангла при што гинат 146 луѓе, главно млади жени имигрантки во тинејџерски или во 20-ти години на своите животи. Настанот бил шокантен но и водел кон промени во безбедносните регулативи и поголема конкретност во нивното спроведување.
На преминот од 19 во 20 век, луѓе од Италија и источна Европа масовно доаѓаат во Америка во потрага по подобар живот, но наместо тоа завршуваат во места каква што е компанијата Триангла Веист, каде работеле по 12,5 часа дневно, за 6 долари неделно. Жените морале сами да набават игли, пегли, некогаш и машини за шиење, за да добијат работно место. Работните услови биле толку лоши што жените немале ни пристап до веце а работеле зад затворени врати, за да не можат да излегуваат и да го забават производството.
Мизерните плати и истите такви работни услови во Триангла и другите текстилни фабрики во градот, во 1909 година доведуваат до штрајк со кој се бара 20% покачување и воведување 52 часовна работна недела. Повеќето фабриканти брзо се договориле со синдикатите но не и овие од Триангла кои биле посебно гадливи на работнички барања. Плаќале битанги да тепаат работнички штрајкувачите и ја подмитувале полицијата да апси штрајкувачи.
Попладнето на тој кобен 25 март, имало околу 500 работнички на Триангла во релативно новата зграда во која текстилките работеле на горните три спрата. Пожарот настанал најверојатно од цигара и брзо настанала паника и хаос. Во тоа време, наместо противпожарни апарати, биле користени големи канти со вода за гаснење евентуален пожар. Само што дури тогаш работничките сфатиле дека сите канти за вода се празни. Некои од девојките заглавиле кај затворените врати. Зад една таква заклучена врата, пожарникарите подоцна откриле куп изгорени човечки тела, едно врз друго. Купот со јагленисани тела бил висок речиси два метра! Некои од работничките поитале кон прозорците за ужаснато да сфатат дека пожарникарските скали се прекратки за да дојдат до нив. Некои се фрлале од прозорци, некои се фрлале во дупката од лифтот. Ужаси.
350.000 луѓе доаѓаат на погребот на изгорените работнички. Во таква ситуација, гневот е насочен кон фабрикантите но и кон градските власти бидејќи во тоа време не постоело ниедно тело или агенција која води сметка за условите во кои работат работниците. Законодавците брзо формираат Комисија за истрага на фабрики, агенција со големи овластувања која во следните две години истражила илјадници работни простори, од шивачници, до погони за пакување месо и хемиски фабрики. Истата комисија станува и предлагач на 20-тина нови закони за противпожарна безбедност, стандарди за градба и слично.
„На пошироко ниво, пожарот во Триангла ја убеди нацијата дека државата е таа која е одговорна да обезбеди безбедни простори и услови за работа и живеење,“ пишува историчарот Патрик Кигер.
Што се однесува до судската разврска и правната правда во врска со трагедијата, се работи за тешка перверзија. Сопствениците на Триангла, Исак Харис и Макс Бланк отишле на суд но биле ослободени од обвиненијата, со препорака да ги обештетат семејствата на настраданите. Фабрикантите ги обештетиле со по 70 долари за загинат човек. А од осигурителна компанија, истите тие, за еден загинат работник добивале по 400 долари.