Човек не може да не забележи колку протестите иницирани од фаталната полициска бруталност врз Џорџ Флојд добија бучна поддршка од капиталистичките елити. Епл на својата апликација ги замени радио станиците со химната на NWA (Niggaz Wit Attitudes) "Fuck the police". Лего ги повлече сите играчки на тема полицајци а компании кои продаваат сладолед, на пример Бен и Џери, ничим изазвани се заколнаа дека „ќе ја раштрафат белата супремација“.
Фокс њуз беше гласно критикуван па се извини за својата неумесна но фактички точна табела за тоа како берзата бележи позитива после убиства кои предизвикуваат немири.
Фрејзер Мајерс смета дека вакви убиства се добри за бизнисот бидејќи на секој брендов му нуди шанса да ја освежи својата заклетва кон магловито дефинираните поими на инклузивност и диверзитет, едни од главните канони на новата капиталистичка религиозност. Нема како поинаку да се објасни тоа што позерски клекна и се сликна дури и првиот човек на банкарската годзила ЈП Морган, фирма која зад себе има повеќе контроверзи отколку што Сталоне има филмски реплики.
Во целина, „разбуденоста“ е добра за бизнисот. Според истражување во 35 земји, 64% од купувачите се подготвени да наградат фирми кои имаат став и се ангажираат на општествени теми. Не е тоа без ризици, како што дозна Жилет откако малку ја претера па ја навреди својата машка база на клиенти со исмевање на „машката токсичност.“ Но, генерално, ризиците се мали а „имањето став“ е евтино. Кога Најк ја лансираше кампањата со НФЛ играчот Колин Каперник (кој стана познат по протестното коленичење), од продажба заработија 6 милијарди долари.
Прашање е колку компаниите навистина стојат зад своите заклетви за социјална правда. Многу компании кои фатија да лепат пари на BLM орото немаат ниеден црнец на лидерски позиции а добавувачите на Најк и Епл од земјите во развој имаат работни услови не многу поразлични од ропството.
Ама затоа гестови на „разбуденост“ се чинат доволни за да се испере секој грев и одново да се исполира брендот.
Гледајте ги, на пример, Доу Кемикал, компанијата која произведуваше напалм за американската армија во виетнамската војна а подоцна беше одговорна за најлошата индустриска катастрофа во светот, со истекување гас во Бопал, Индија, при што умреа најмалку 3.000 луѓе. За таа и таква компанија Блумберг бизнисвик скоро имаше обемна статија за тоа како „Доу Кемикал се освестил.“
Е како се освестил, де? Е имаат геј за ЦЕО.
Не профитираат само брендовите и компаниите. Во меѓувреме, на тема „инклузивност и диверзитет“ се има развиено цела нова бизнис гранка. Според Ирис Бонет, во интервју со консултанти од МекКинси, американски компании имаат потрошено 8 милијарди долари само на тренинзи за диверзитет.
Иако на светската сцена капитализмот во моментов нема сериозен конкурент, неговиот легитимитет одамна, често и сериозно се доведува во прашање. Но тој досега успева општествените пореметувања (кои најчесто самиот ги произведува) да ги искористи како доказ за својата адаптибилност.
„Разбуденоста ѝ нуди на капиталистичката класа ново чувство на мисија и морална цел. Слична ролја играат и „одржливоста“ и „зелениот капитализам“. Таа капиталистичка елита и средната класа од јавниот сектор најдоа шанса што не се пропушта- шанса за морална и духовна обнова. Тие ќе бидат и чувари и изведувачи на новиот разбуден морал и оттука, тие ќе бидат тие кои ќе ја црпат најголемата добивка, и во финансиска и во репутациска смисла “ вели Мајерс.
А ако остане, ќе има веројатно нешто и за црните животи.
**********