Десетици илјади лица во Париз и другите француски градови протестиираа против новиот предлог за јавна безбедност кој активистите за човекови права и медиумите го оценуваат како сериозен удар на слободата за информирање и медиумски права.
Новата легислатива која чека на одобрение на парламентот предвидува ново кривично дело - „објавување фотографија од полициски службеник со намера да му се наштети“.
За делото е предвидена казна до една година затвор и 45.000 евра.
Владата го правда ваквото решение како обид да се заштитат полицајците од онлајн повиците за насилство врз нив.
Протестите против новиот закон беа поддржани од Амнести, Репортери без граници, Лигата за човекови права а еден од организаторите е и новинарскиот синдикат, бидејќи медиумите се и најзасегнати; тие стравуваат дека над глава постојано ќе им висат драконските казни кога известуваат за немири во кои е ангажирана полицијата.
„Не сме овде да ги штитиме привилегиите на нашата професија туку да ги браниме фундаменталните права, и наши и на граѓаните,“ вели претставник на новинарите кои оценуваат дека единствена намера на ваквиот закон е дополнително да ја заштити неказнивоста на полицијата кога ја злоупотребува својата функција и овластувања.