Во Мозамбик во последниве месеци се случиле серија убиства на ќелави луѓе поврзани со бизарното верување дека ќелавите во главите имаат злато.
Полицијата потврди дека најверојатно тоа е мотивот зад пет убиства во земјата во последниве два месеца.
„Нашите прелиминарни сознанија упатуваат на тоа дека зад злосторствата се кријат необични културолошки верувања. Ги истражуваме случаите за да дознаеме повеќе за овој феномен кој е нов кај нас. Не сме сигурни за димензиите на проблемот но тој може да води кон опасен тренд ќелавите луѓе да бидат гонети и убивани“, порача портпаролот на полициските сили на Мозамбик.
Зад ваквите верувања се обвинуваат бројните надрилекари во земјата кои некако го пуштиле муабетот дека ќелавите глави се вистински рудници на драгоцениот метал.
Известувајќи за случајот, американски NPR вели дека досегашните убиства биле доволни веќе да се внесе страв меѓу засегнатите потенцијални жртви кои во последно време на различни начини се обидуваат да ги сокријат своите голи а драгоцени глави.