Калето ќе почасти ли бензин?

Доктор од Нов Зеланд побара од американската амбасада во Велингтон да ги надомести трошоците за гориво во неговата клиника. Логиката е разбирлива: Со оглед на тоа што цените на горивото скокнаа до небо поради војната во Иран која Трамп не мораше да ја започне, ред е Вашингтон да се фати за џеб. „Ако не се држиме до принципи, што ни останува?“ порачува лекарот.

Д-р Шејн Данфи, од медицинскиот центар Онслоу во главниот град на Нов Зеланд, побара од амбасадата на САД да му плати на неговиот центар 2.790 новозеландски долари (1.597 американски) за трошоците за ваучери за гориво што им се дадени на вработените за да им се помогне за трошоците за превоз.

Им оставил седум дена да ја платат фактуурата.

Во пропратното писмо, доктор Данфи објаснува дека неговиот персонал мака мачи да си дозволи гориво поради енергетската криза предизвикана од нападите на САД и Израел врз Иран. Клиниката им обезбедила ваучери на вработените да им помогне да дојдат на работа и да ги прехранат своите семејства.

„Сега бараме од САД да ни ги надоместат трошоците за овие ваучери. САД се одговорни за ова и затоа треба да понесат одговорност,“ вели докторот кој нападот  врз Иран го гледа како „неморален и целосно неоправдан“.

Тој ги охрабрува другите поединци и бизниси да ги испраќаат своите сметки за гориво до амбасадата на САД бидејќи се работи за прашање принцип. „Ако не се држиме до принципи, што ни останува?“

„Кога ќе скршите нешто, треба да го поправите“, вели докторот и на Американците им порачува: „Вие го гласавте овој човек, вие средете го проблемот“.  

Цените на бензинот во Нов Зеланд се зголемија до 50 центи за литар, со што просечната цена на безоловното гориво се искачи на повеќе од 3 долари за литар.

3 април 2026 - 09:38