Иако ваквата дефиниција би требало да ги опфаќа сите кои живеат или работат во странство, сепак терминот е резервиран исклучиво за белци. Пред неколку години Мавуна Ремарк Кутунин, во текстот за Гардијан објаснува:
„Африканците се имигранти. Арапите се имигранти. Азијатите се имигранти. А сепак Европејците се иселеници затоа што не може да се дозволи тие да бидат на исто ниво како другите ентитети.
Тие се супериорни. Имигранти е термин што се чува за ’инфериорните раси’.“
Истото го забележува и Вол стрит журнал, кој во текст „Што точно е иселеник?“ заклучува: „Дел од луѓето кои пристигнуваат се опишани како иселеници; други како имигранти; а некои просто како мигранти. Зависи од социјалната класа, државата на потекло и економскиот статус. Чудно е да се чуе како некои луѓе во Хонгконг се опишани како иселеници, а други не. Секој со корени од западна држава се смета за иселеник... Куќни помошнички од Филипини се само гости, дури и со децении да се тука. Ретко кога Кинези кои говорат мандарински се сметаат за иселеници... Постои двоен стандард исткаен во официјална политика.“
Европа има ист пример со Африка, па дури и кога врвните африкански професионалци ќе заминат да работат во Европа нив не ги сметаат за иселеници, туку за имигранти, или како што објаснува еден Африканец на позиција во мултинационална компанија, „јас сум високо квалификуван имигрант, како што ме викаат, за да бидат политички коректни.“ Кутунин потсетува дека спротивното и понатаму функционира па белците во Африка се нарекуваат иселеници, порачувајќи:
„Ако ги видите тие ’иселеници’ во Африка, нарекувајте ги имигранти како и сите останати. Ако тоа ја навредува нивната супериорност, тоа е нивен проблем. Политичката деконструкција на ова застарено гледиште на светот мора да продолжи.“