Како со еден потег да напнеш и конзервативци и феминистки

Шпанска парламентарка (од новоизбраните) одлучува своето бебе да го донесе на работа, ама не во бекстејџ, туку на нејзиното место во главната сала за седници на Парламентот.

Каролина Бесканса влегува во Парламентот како член на Подемос. Нејзината одлука да го донесе 5-месечниот син Диего не е проблематична затоа што ја попречува работата на парламентот во клучните времиња за Шпанија, и онака не работат нешто многу бидејќи уште нема влада и се преговара за коалиција, туку затоа што им го прекршила адетот на конзервативците и како тие се однесувале додека биле на власт.

Ставот на Бесканса е "Ако мајка треба да се грижи за своето дете, таа треба да се грижи за него каде и да е. Време е парламентот да почне да наликува на остатокот од земјата." Бесканса доби поддршка и од лидерот на Подемос, кој нејзината одлука ја опиша како "симболичен гест во име на сите жени кои се обидуваат да најдат баланс меѓу работата и семејството, а не можат."

В.Д. министерот за внатрешни работи Хорхе Диаз, ја обвинува Бесканса дека ова го прави од "политички мотиви." Карме Чакон, поранешната министерка за одбрана ја критикува Бесканса дека не ги користела јаслите кои се дел од парламентот, "ја се уште го доев моето дете кога бев министерка и детето ми беше во канцеларија. На три часа барав пауза за да можам да го нахранам."

Уште понезадоволни од колегите на Бесканса, се повеќе групи за права на жените, како Федерацијата на прогресивни жени, Жени за еднаквост и Женската фондација, кои ја критикуваа парламентарката дека "само ја продолжува идејата дека грижата за децата е женска работа."

14 јануари 2016 - 14:03