„Дали би советувал некого да мавта со пешкир на куќа што гори? Или да понесе тепалка за муви на престрелка со пиштоли? Сепак советите што ги слушаме на климатските промени знаат да бидат дури и понескладни од ова во однос на суштината на кризата,“ пишува Мартин Лукакс во Гардијан.
Предлозите за спас на планетата знаат да се движат од користење на пенкала за повеќе употреби или откажување од користење лифт на работа, до поставување соларни панели, купување локален зеленчук или ставање ЛЕД сијалици по дома. Неодамнешна студија тврди дека го има најдено најдобриот начин за борба против климатските промени: да се откажеш од имање деца.
„Ваквите сеприсутни наговарања за индивидуална акција - преку корпоративни реклами, училишни учебници, и кампањи на меинстрим еколошки групи, посебно на Западот - ни изгледаат природни како воздухот што го дишеме. Но тешко дека би можело да има нешто побескорисно.
Додека ние сме зафатени со раззеленување на нашите животи, корпорациите што продаваат фосилни горива ги прават нашите напори нерелевантни. Поделбата на издувните гасови од 1988 до денес покажува дека 100 компании се одговорни за неверојатни 71% од загадувањето. Додека ти менуваш мини во пенкало или местиш панели, тие ја спржиле планетава.
Слободата на овие корпорации да загадуваат - и фиксацијата на бесполезни промени во начинот на живот - не е случајна. Тоа е резултат на идеолошка војна, која се води последниве 40 години, против можноста за колективна акција. Запрепастувачки успешна, сепак не е предоцна да се поништи нејзиното дејство,“ порачува Лукакс.
Почетокот на ваквото перење мозок, авторот го гледа во подемот на неолиберализмот истуркан од Тачер и Реган, кој има две основни цели: 1. да се отстранат сите бариери за практикување приватна моќ без никаква одговорност, и 2. бариерите да се постават на можноста на практикување на каква било демократска јавна волја.
„Сето ова ги ослободи корпорациите да акумулираат огромни профити и да ја третираат атмосферата како канализација, осакатувајќи ја нашата способност, преку инструментите на државата, да ја планираме нашата колективна добробит.
Сето она што наликува на колективна контрола над корпоративната моќ стана мета за елитите: лобирање и корпоративни донации, создавање шупливост во демократијата, попречување на зелени политики а во исто време задржување на субвенциите за фосилни горива,“ набројува Лукакс.
Неговиот предлог е потиснување „на целата мантра на слободниот пазар“ што во пракса би значело „враќање на железницата и енергетската мрежа под јавна контрола; регулирање на корпорациите за да ги укинат фосилните горива; и зголемување на даноците за да се платат огромните инвестиции во инфраструктура за борба против климатските промени и воведување на обновлива енергија.“
„Неолиберализмот не само што осигура ваквата агенда да биде политички нереалистична; туку исто така се обиде да ја направи културолошки незамислива. Неговото славење на конкурентските лични интереси и хипер-индивидуализмот, неговата стигматизација на сочувство и солидарност, ги прегоре нашите колективни врски. Тој се ширеше како подмолен анти-социјален отров, како што Маргарет Тачер проповедаше: ’не постои општество’,“ објаснува Лукакс.
Како што оваа ера успева да создаде култура во која „ние себеси се сметаме за потрошувачи а не за граѓани, дека треба да се потпреме на самите себе наместо да бидеме меѓузависни, не е ни чудо што се обидуваме системските проблеми да ги решиме вртејќи се кон самите себе. Сите ние сме деца на Тачер.“
„Неолиберализмот го зеде постојното внатрешно само-обвинување и му стави турбо. Тој ти кажува дека не само што треба да чувствуваш вина и срам за тоа што не можеш да осигуриш добра работа, што си заглавен во долгови и што си премногу под стрес и преработен за да имаш време за пријатели. Ти сега исто така се одговорен за носење на товарот на потенцијалниот еколошки колапс.
Ако пристапен јавен превоз не е остварлив, луѓето ќе возат автомобили. Ако локалната органска храна е премногу скапа, тие нема да се откажат од ланци супер-маркети кои се големи потрошувачи на фосилни горива. Ако имаме бескраен доток на евтина масовно произведена храна, постојано ќе ја купуваме. И ова е најголемата измама на неолиберализмот: да нè убеди дека со климатските промени треба да се справуваме преку нашиот паричник, наместо преку моќ и политика...
... Па, фати одгледувај моркови и вози точак: ова ќе ве направи посреќни и поздрави. Ама време е да се престане со опседнатоста околу тоа колку е зелен вашиот животен стил - и да се почне со колективно спротивставување на корпоративната моќ,“ порачува Лукакс.