Еве пет факти од животот во 2014 кои Маркс точно ги предвидел пред повеќе од еден век:
1. Големата рецесија (хаотичната природа на капитализмот)
Хаотичната природа на капитализмот, склона кон кризи, бил клучниот дел од анализите на Маркс. Тој сметал дека безочната трка по профити ќе ги натера компаниите да ги механизираат нивните работни места, произведувајќи сè повеќе и повеќе, а смалувајќи ги надниците на работниците до точка кога тие (работниците) веќе нема да можат да ги купуваат производите кои самите ги создале. Тој вовел и термин „фиктивен капитал" - финасиски инструменти како акции и кредити, кои го поддржуваат опишаниот систем на произведување до момент кога веќе нема кој да ги купи нашите производи, нема нови пазари, ниту пак можност за нови долгови. Генерално, токму ова доведе и до падот на пазарот на недвижнини во 2008 - децении продлабочување на нееднаквоста ги намалија приходите, што ги натера Американците да се задолжуваат сè повеќе и повеќе, за на крај да падне целата фасада. Токму како што предвиде и Маркс.
2. Ајфон 5S (имагинарни апетити)
Маркс предупредил дека тенденцијата на капитализмот да придава висока вредност на суштински глупи производи со текот на време ќе доведе до создавање на „нехумани, софистицирани, неприродни и имагинарни апетити". Ова е суров но точен начин на опишување на современиот свет, каде многумина уживаат во невиден луксуз, а сепак постојано имаат потреба да купат што е можно повеќе работи. На пример вашиот ајфон 5S. Дали е навистина толку подобар од ајфонот кој го имавте минатата или предминатата година? Дали е тоа вистинска или измислена потреба?
3. ММФ (глобализацијата на капитализмот)
Марксовите идеи за прекумерното производство всушност ја предвидуваат глобализацијата - ширењето на капитализмот на планетава во потрага по нови пазари. „Потребата за постојано ширење на пазарите подразбира трка по буржоазијата по целата површина на земјината кугла", напишал тој. „Тој мора да се вгнезди насекаде, да се насели насекаде, да воспостави врски насекаде". Иако ова денес е очигледно, тоа не било така во 1848 кога Маркс ги напишал овие зборови. Плус тој не е само во право тврдејќи дека ова ќе се случи, туку и околу причините зошто тоа ќе биде така.
4. Волмарт (Монополи)
Класичната теорија на економијата сметала дека конкуренцијата е природна и оттаму самоодржлива. Но, Маркс сметал дека пазарната моќ ќе биде всушност централизирана во големи фирми - монополи, нешто што се случи дури во дваесетиот век. Денес малите семејни продавници се заменети од монолитни стоковни како Волмарт, малите банки се заменети од глобални како Џ. П. Морган Чејс. Истото се случува и во технолошкиот свет, каде големите корпорации ги вшмукуваат старт-ап бизнисите колку што е можно побрзо.
5. Мали плати, големи профити (резервната армија на индустрискиот труд)
Капиталистите сакаат да платат што е можно помалку за трудот, а тоа е најлесно кога има премногу работници наоколу. Оттаму, после рецесијата, користејќи ја анализата на Маркс, можеме да предвидиме дека високата стапка на невработеност ќе ги одржи платите на исто ниво додека профитот ќе се зголемува, бидејќи работниците се премногу исплашени за да дадат отказ. Дури и Wall Street Journal предупредува: „Во последно време заздравувањето на американската економија покажува некои карактеристики опишани од страна на Маркс. Зголемената продуктивност им овозможува на компаниите да растат без да мораат да ги тинтраат работниците, кои немаат моќ да преговараат."
Маркс можеби не бил во право баш за сè. Тој се фокусирал на критика на капитализмот без да предложи негова конкретна замена (што не ни планирал), што остави простор за погрешна интерпретација од страна на ликови од типот на Сталин. Сепак, моралната осуда на капитализмот и деталните описи на начинот на кој тој функционирал и се уште функционира е за почит. Во свет во кој најбогатите 85 луѓе поседуваат повеќе богатство од најсиромашните 3 милијарди, славниот повик за обединување на работниците од целиот свет и кинење на нивните пранги се уште делува моќно.