Како да се зачува слободата од слободарите?

Американските универзитети се во постојана дефанзива пред константниот налет на обвинувања за расизам и дискриминација. Прават сè да изгледа дека се борат со системскиот расизам за кои им е јасно дека не постои, само за да не бидат етикетирани како такви. Професор по математика од Принстон признава дека доцна ја сфатиле сериозноста на агресијата.

Според една ланска студија на Инсистутот Като, 75% од имигрантите кои станале американски граѓани се горди на тоа што се Американци, во споредба со само 69% кои се горди од оние што се родени таму.

По сопствено признавање, горд што е меѓу оние првите е и професорот Сержи Клаинерман кој од Романија има дојдено во 1975 година а сега предава математика во Принстон. Вели дека станал тоа што станал благодарејќи на системот кој знае да цени сечиј труд и талент, без разлика на нечија вера, раса, пол и систем кој со децнии бил најферскиот, најнедискриминирачки и најкомпетитивен образовен систем во светот.

Сето тоа денес е доведено во прашање, кога тој и неговите колеги од американските универзитет се нападнати од една подмолна идеологија која е чудна мешавина на лош марксизам, бескрупулозен морален догматизам и некаков морално-културен релативизам кој се претвора во својата спротивност. Крајниот резултат на таа турли-тава е луѓето да се гледаат како непомирливо поделени по раси, полови, сексуални ориентации и што уште не, кои потоа формираат групи за кукање кои наголемо се тркаат да покажат кој повеќе е репресиран. Зборуваме за феноменот „woke“.

За разбудените, Америка никогаш не била модел за слобода, правда и шанси за сите кои ги привлекла како имигранти, туку страшно неправедна, расистичка и корумпирана земја. Нејзините темели не лежат во Декларацијата за независност туку во 1619 година, кога првите бродови со робови дошле на американските брегови. 

„Ја гледам таа конфузија на мојот Принстон универзитет. Иако постојат и студенти и луѓе од Универзитетот кои даваат отпор на 'разбудената' идеологија, раководството на Принстон е под постојан атак на оние кои не само што бараат некакви квоти туку и формирање комитети за 'истрага и дисциплинирање' на расистичките однесувања, инциденти и истражувања. Се случува сето тоа, наспроти отсуството на каква било видлива институционална форма на расизам во самиот Универзитет и без никаков сенс за деструктивните ефекти на таквите барања. Принстон, како и повеќето слични академски институции се во постојана дефанзива, правејќи огромни напори да го корегира расизмот за кој знае дека не постои, само за да се заштити од сè поприсутните обвинувања. Парадоксално, овие институции се доведуваат во состојба да се борат со духот на расизмот и со тоа ја одржуваат расната агенда на обвинувачите.“

Клаинерман признава дека неговата фела, оние кои не сакаат ништо повеќе од тоа да се сочуваат традиционалните идеи за академска слобода, интегритет и цивилизираност, бавно ја сфатиле играта и агресијата чија мета се тие, агресија која е еквивалентна на војна во која другата страна ги користи обвинувањата како палка со која сака да ги сруши темелите на нивниот свет.

Професорот ги повикува колегите на гласен отпор и систематска битка за секој постулат на кој почива американското општество: верба во еднаквост на сите пред законот, верба во вредноста на различните мислења и дебатата, верба во научниот метод.

Инаку, новите револуционери сè ќе запалат.

 

13 август 2020 - 17:38