Парите, изразени во агрегатниот податок наречен БДП се сериозен фактор за должината на нечии животи. Затоа во едно Хаити со БДП помал од 1.000 долари годишно просечно се живее 60 години а во Јапонија со БДП од 40.000 долари годишно луѓето можат да се надеваат да добацат дополнителни 20 години.
Ваквата закономерност сепак не важи за сиромашните Американци кои умираат помлади од своите колеги страдалници од Костарика. Во оваа земја луѓето живеат долго како да се Норвежани, иако се сиротиња ко Ирачани.
Разликата не доаѓа од нееднаквоста бидејќи таа во Костарика е поголема отколку во САД. Па сепак, сиромашните Американци под 65 години умираат со 3,4 пати поголема стапка од своите побогати врсници. Во Костарика смртноста е за 1,5 пати поголема.
Можно е дел од причините за ваквиот однос да се најдат во состојби кои лесно се квантифицираат. Такви се зафатот на јавната здравствена заштита (15 проценти од најсиромашните во Костарика не ја уживаат, додека во САД надвор од системот се 35 проценти сиромаштиј), дебелината или пак пушењето.
Но, тоа сепак не ја дава целата слика.
Еден наш читател кој живее во САД а имал прилика да престојува и во Костарика фино го искажува она што е статистички неискажливо. Раатот.
Илија за Костарика го вели ова:
Интересно е дека бројките не можат да го предочат она што штом ќе спиеш една ноќ во Костарикаа одма ќе ти биде јасно што е рабоатата, а сепак немам појма како да го изразам со зборови.
Еве еден пример. Многу патишта во Коста Рика не се асфалтирани. Ќе речеш сиромаштија, нели. Еден дечко ми објасни дека старите во селата не сакаат да ги асфалтираат патиштата да не им доаѓаат туристи, кои ќе купуваат земјиште, ќе градат куќи кои се прекапи за Тикосите (нивен назив за домашните) и ќе им донесат МекБургери итн. На едно место требаше да се гради супер ресорт, мештаниве се побунија и прогласија национален парк.
Таму видов мрзливец како поминува улица. Немаат ресорт ама немаат ни стрес туку мали хотелчиња, ресторанчиња, со супер морска храна, музиче, пиво... Нешто помалку убаво од Охрид, ама тука некаде.