Точно на 18-тата секунда од своето видео „Јутјуб го водат будали“, авторот отворено кажува што мисли за новата политика на платформата во врска со „безобразниот говор“.
„Ова е најглупавото ебено срање за кое имам слушнато“ вели јутјуберот ПроЗД (3,8 милиони следбеници).
Тајмингот на неговата тирада е внимателно одбран и има врска со промените кои Јутјуб ги воведува од ноевмри. Содржини во кои се пцуе или користи непристоен речник во првите 15 секунди ќе бидат скратени од реклами а можно е и комплетно да бидат демонетизирани.
Пцуењето особено е непожелно во првите седум секунди од клипот а санкции следуваат и ако има непристоен говор во „поголем дел од клипот“ иако не се објаснува што тоа точно значи и колкав дел е тоа.
Оние што заработуваат од содржини на Јутјуб особено се гневни поради тоа што новата политика на јазична коректност се имплементира над сите клипови, значи и оние кои биле создадени и објавени долго пред да бидат воведени најновите правила.
Гигантот делува крајно незграпен кога регулира јазични нијанси па често не се најјасни критериумите до кои се држи. Во моментов “asshole” и “motherfucker” се забранети додека “damn” и “hell” се ок за користење. Во претходниот турнус јазични правила во април 2021 година, Јутјуб 'великодушно' дозволи умерена вулгарност од типот „shit“ и „bitch“.