Јегермајстер не е анти-христијански

Швајцарски суд донесе одлука по која 80 годишното лого на нивниот Пелинковац не е навредливо кон христијаните. Што значи дека крстот меѓу роговите нема ништо против нив а - додавеме ние - истиот може  да се толкува како предупредување дека ако фатиш да се инаетиш и да ѝ покажуваш рогови на пијачката, утредента само господ може да ти помогне.  

На суд ги однесе швајцарскиот федерален институт за интелектуална сопственост кој стравувал дека религиозните потрошувачи би можеле да бидат навредени ако Јегермајстер  - во превод: ловец мајстор - го користи истото лого надвор од досегашната употреба. А логото во последно време може да се види на широко портфолио производи, од телефони до козметика.

Швајцарскиот суд сепак застанал во одбрана на компанијата и решил дека досегашното, повеќедецениско а интензивно рекламирање на тоа лого покажало дека компанијата нема намера логото да го доведува во каква било религиозна конотација.

Инаку, логото на Јегемајстер е дизајнирано во чест на Свети Хуберт, светецот заштитник на ловџиите. Приказната вели дека по смртта на неговата сопруга, тој дигнал раце од црквата и верата и се посветил на пасионирано ловење, сè додека еден ден, со крст меѓу роговите на еден нанишанет елен, не му се јавил севишниот и со тоа му дал знак да го батали тој ќеиф и да се врати во прегратките на својата вера.

Во пијачката има 56 тревки, зачини и семки.

21 февруари 2020 - 09:11