„Тоа што војната го покажа е неуспехот на трансакцискиот пристап на Париз и Берлин кон членките од Централна и Источна Европа, како и на Балтикот.
Со децении, Западна Европа се потпираше на економски модел наклонет кон западните банки и компании, ланци на снабдување, и константен тек на евтина работна сила, за сметка на каков било забележлив геостратешки фокус.
Уште полошо е што од перспектива на источните членки на ЕУ, овие стриктно економски приоритети се придружени со растечки напори на Западна Европа да ги наметнат своите социјални и политички вредности врз источноевропските членки, како Полска и Унгарија - и да ги поврзат овие вредности со финансирање од ЕУ. Во меѓувреме безбројни предупредувања од источните престолнини околу Русија не само што беа игнорирани туку често пати и исмевани како параноични,“ пишува Еоин Дреа во текстот за Форин полиси.
Каква и да беше оваа состојба таа само драстично се влоши во моментот кога Русија ја нападна Украина, и приоритетите на западните и источните членки на ЕУ уште толку се оддалечија.
Франција и Германија кај упорно се некарактеристично бавни во испораката на оружје за Украина, идентично упорно се обидуваат да го одоброволат Путин по различни основи, те за да сака да преговара за мир, те за да не им го секне гасот и нафтата.
„Војната покажа, како воопшто да требаше доказ за тоа, дека тврдата сила секогаш доминира над помеките тактики за разубедување - лекција што многумина западноевропски лидери долго време ја игнорираа,“ смета Дреа.
Главната промена од сето ова е што државите на Централна и Источна Европа сега знаат дека тие за својата безбедност се целосно зависни од НАТО, а не од ЕУ. Неуспехот на ЕУ да се справи со рускиот реваншизам на каков било суштински начин „ја покажува француската заблуда за европската 'стратешка автономија' и го распарчи кредибилитетот на ЕУ кај безбедноста и одбраната.“
„Безбедносната и одбранбена политика, сепак, е само катализатор за прераспределбата на политичкиот баланс на ЕУ.
Тешко е да се пренагласи нивото на недоверба меѓу членките на Источна Европа што беше создадено со едвај прикриената желба на Берлин, Париз и Рим да се вратат на нормални односи со Русија,“ порачува Дреа.
Тој ја наведува критиката од Латвија за Макрон и неговите разговори со Кремљ како пример „за таканаречените западни лидери кои имаат експлицитна потреба за себе-понижување во комбинација со целосна одвоеност од политичката реалност“. Критиката од Естонија беше дека „е неверојатно како лидерите на Франција и Германија неповратно го поплочуваат патот за нови насилни дела за Русија.“
Растурањето на досегашниот баланс на моќта меѓу западните и источните членки беше дополнително забрзано од влечењето на Франција и Германија со испораката на оружје.
„Првите до сега ги внесуваа најголемите пари во буџетот на ЕУ, од кој десетици милијарди евра секоја година му се исплаќаа на Истокот, а за возврат вторите ги чекаа големите Западни сили за политичко лидерство.
По рускиот напад на Украина, француското и германското лидерство за сите работи поврзани со безбедност и Русија се покажа дека е заблуда.
Па така почна да се формира новиот баланс на моќ, чии контури полека почнаа да се појавуваат. Полска, најголемата економија во Источна Европа и шеста во ЕУ, е главна во растечката моќ на Централна и Источна Европа,“ порачува Дреа.
Полјаците се наметнаа како лидери на ЕУ во помошта на Украина, од прием на бегалци, до воена поддршка. Ова го искористија и за преиспитување на моќта во Брисел, и буквално наплаќање на милијарди кои ЕУ им ги држеше заробени заради нивни (западни) принципи. Пред некое време Фон дер Лејен се согласи да ги одмрзне 36-те милијарди евра помош за Полска, кои беа блокирани заради судирот меѓу Унијата и Варшава околу „демократските норми во Полска“.
Примерот од Полска се очекува дека ќе биде искористен и од останатите членки од Истокот, што пак ќе го отежне секое идно носење на заеднички политики на Унијата. И пред војната беа очигледни разликите по основа на либералните идеали на Западот и конзервативизмот и националниот суверенитет на Истокот. Унгарија постојано е на тапет затоа што се залага за семејни вредности, наместо западните ЛБГТ вредности. Полска секој месец плаќа казни на ЕУ заради ископување јаглен, а опозиција на европскиот Зелен план има и од Чешка, која истиот го смета за „егзистенцијална закана“ за нејзината економија. Премиерките на Латвија и Литванија ја повикаа Унијата да ги игнорираат растечките енергетски трошоци и наместо тоа да се фокусираат на украинска победа врз Русија. Естонија пак ја предупредува ЕУ да не помисли да ја присилува Украина на откажување од територија само за војната и економската штета од нејзе побрзо да завршат.
„Ако западноевропски лидери мислат дека овие политички позиции можат да бидат поткупени со ЕУ пари како во минатото, сериозно ќе се изненадат. Ако не и се обрне внимание, растечката поделба забрзана од руската војна ќе го распарчи европскиот модел на одлуки носени со консензус.
Ако Париз и Берлин продолжат да се фокусираат на ставање крај на војната по која било цена за Киев, тие само ќе го засилат наративот дека западноевропските интереси во источните работи се примарно економски. Ова за возврат ќе натера повеќе источни престолнини да го следат унгарскиот учебник и намерно да блокираат клучни ЕУ одлуки - едноставно затоа што тоа е единствената мерка што ја имаат против Западна Европа која е веќе желна да заборави на руската војна,“ пишува Дреа.