Горната мапа (направена по урнек на култниот дизајн на лондонското метро на Хери Бек) не постои, но Зелените од Германија се надеваат дека еден скорешен ден ќе стане реалност.
Се работи за транс-европска мрежа од 40 меѓународни долги линии. До 2030 би се поврзале над 200 градови и места во Европа, од Лисабон на запад до Москва на исток, и од Хелсинки на север до Малага на југ.
„Европските ноќни спринтери“ би биле возови кои ноќе удобно би возеле патници со брзина од 200 до 250 километри на час, мрежата би била координирана од Европската железничка агенција а потребните пари би дошле од Европската инвестициска банка.
Зелените проценуваат дека просечно возење би траело меѓу 9 и 14 часа а целата идеја е да се намалат штетни гасови и да не се пали кола или да се оди со авион од град до град или од држава во држава.
Гринпис пресметале дека со забрана на летови на кратки релации во ЕУ и префрлање на железница кадешто веќе постојат алтернативи под шест часа, би се намалеле штетните емисии за 3,5 милиони тони CO2 годишно. Кога ЕУ доволно би инвестирала и би ги заменила сите нејзини топ 250 летови на кратки релации со железнички патувања, би ја поштедиле атмосферата од 23,4 милиони тони CO2 годишно, приближно колку што изнесува годишната емисија на CO2 на Хрватска.