Хуманитарна помош со шмек на сексуално малтретирање

Пред некое време беше објавено дека хуманитарните работници на една од најголемите хуманитарни организации во светот, Оксфам, организирале „Калигула оргии“ во една од вилите на организацијата во Хаити во времето кога таму биле за да и помогнат на земјата по земјотресот во 2010.

Дел од наведените хуманитарци веќе се имаат преместено во други организации, но според свиркачот Оксфам не ги предупредил нивните нови работодавци за ваквото однесување.

Од објавување на веста Хаити ја суспендираше работата на Оксфам, организацијата изгуби илјадници редовни донатори, и се извини на владата на Хаити, се објаснуваше пред британските пратеници кои одлучуваат за нејзиното финансирање со пари од британскиот буџет и состави независна комисија која треба да го испитува сексуалното малтретирање.

Како што се развиваше драмата во Оксфам така други хуманитарни организации и НВО-а гледаа што е можно побрзо да расчистат во свои редови, претежно отпуштајќи вработени кои биле инволвирани во сексуално малтретирање.

Така, најголемата хуманитарна организација на светот, Црвениот крст, во исто време со експозето за Оксфам превентивно објави соопштение дека имаат идентификувано 21 свој вработен што плаќал за сексуални услуги, и дека тие или се отпуштени или сами си заминале. Секој потенцијален пропуст во внатрешната истрага Црвениот крст го припишува на својата децентрализирана структура. Притоа во име на „етички и правни причини“ Црвениот крст не го објави идентитетот и националноста на вработените кои плаќале за секс додека биле во хуманитарна мисија.

„Овие скандали ги поткопуваат добрите дела што хуманитарните организации ги прават во области во развој или области погодени од катастрофа, и она што е забележително, е дека на нив се работи само откако земјите донатори ќе дознаат.

И покрај пишаните правила на однесување, во пракса лошото однесување на хуманитарните работници е игнорирано или криено со цел имиџот на хуманитарната организација да се одржи пред донаторите.

Ваквата култура на молчење ефективно доведе до експлоатација на заедниците на кои овие организации требаше да им помогнат,“ пишува Линсеј Чутел во Кварц.

Притоа заради состојбата на државите во кои дејствуваат хуманитарците најчесто е невозможно да се утврди ни дали некој имал романтична врска со локална жена и не платил за тоа и дали таа стварно била консензуална, или ако платил дали таа била или не малолетна и слични детали.

Шаранја Каниканан, активистка од меѓународната организација против неправда, злоупотреба и нееднаквост, објаснува дека „една студија на жени од Хаити кои имале налик консензуални врски со вработени на О.Н. открива врски на нееднаква моќ, насилство и премолчено разбирање дека е невозможно да му кажеш не на маж чии пријатели носат оружје.“