Гугл програмерот што спие на паркинг

23-годишникот пред сè има намера да заштеди 90% од платата што ја добива, на овој план одлично му се надоврзува и одбивноста да плаќа апсурдно високи кирии за сместување во Сан Франциско.

Комплетното решение се сведува на купување Форд камионет за околу 10.000 долари со минати 250.000 километри, што го паркира во еден од пооддалечените делови од паркингот во кампусот на Гугл. Возилото го плаќа со парите од бонусот за вработување во Гугл.

Од оваа позиција почнува со остварување на планот за заштеда на 90% од платата. Единствен фиксен трошок што го има е осигурувањето за камионетот кое чини 121 долар месечно. Струја не троши, а сметката за мобилен му ја плаќа Гугл.

"Не поседувам ништо што треба да биде вклучено во струја. Камионот има вградени сијалици во приколката, имам ламба со сензори на батерии која ја користам навечер. Имам мало пакетче батерии што можам да го полнам на работа на неколку денови и тоа го користам за полнење на моите слушалки и мобилниот преку ноќ. Лаптопот ми трае цела ноќ на едно полнење, а потоа го приклучувам сабајлето на работа.

Главните работи кои ги поседувам се кревет, фиоки и вградена закачалка на која ја оставам облеката. И генерално тоа е," објаснува 23-годишниот Брендон на својот блог.

Појадокот, ручекот и вечерата ги подмирува во Гугл, а се тушира секое утро по тренингот во корпоративната вежбална.

Најголемиот дел од платата Брендон ја троши на отплаќање на студентските кредити, од кои до сега има вратено околу 6.000 долари а му остануваат уште речиси 16.500 кои планира да ги врати во следните 6 месеци, "заштедувајќи илјадници долари (на камата) од стандардните 10 или 20-годишни планови за отплаќање,"

Утеха му е и тоа што не губи по неколку часа патувајќи од или до работа, време што може да го троши по сопствена волја. Дополнително, по негови зборови приколката од 12 метри квадратни е поголема од која било соба во која некогаш живеел. За сега, на 23 години, тој не "гледа причина зошто да престане" да живее во камионот.

21 октомври 2015 - 17:24