Метју Деборд, уредникот за превоз на Бизнис Инсајдер, објаснува дека атмосферата околу промоцијата на Модел 3 е како по појавувањето на новиот автомобил комплетно да ќе исчезне моторот со внатрешно согорување, по над еден век постоење.
Деборд пренесува анализа на брокерската компанија Бернстајн, според која:
"Производителите на автомобили, се уште можат да го игнорираат електричниот автомобил како играчка за богати. Оваа погрешна интерпретација на нешто 'ново' како 'ниш' и 'непрактичност' има долго педигре. Блекбери и Нокиа вака го гледаа Ајфон во 2007: 'зошто некој би платил 600 долари за телефон со само едно копче?' Меѓутоа со додавањето на автомобил од средна класа во понудата на Тесла, компанијата повеќе нема да се натпреварува само со БМВ 5 или Ауди А6. Ќе се натпреварува со Хонда Акорд и Тојота Камри.
Ние не мислиме така. Нашите очекувања се дека авто-индустријата ќе има заеднички одговор на пуштањето во продажба на атрактивниот електричен автомобил со средна цена, во првата четвртина на 2017-та, и тоа ќе биде: под итно забрзај со работа на се што има врска со електрични автомобили.
Многу е веројатно дека престижот, инженерството и внатрешната возбуда што доаѓа од германското производство на автомобили одврати многумина во изминативе години од купување на Тесла Модел Ес. Ама ако се согласувате со тоа тврдење, дали исто така се согласувате и со следното: 'Многу е веројатно дека престижот, инженерството и внатрешната возбуда од јапонското производство на автомобили, ќе одврати многумина во следните неколку години од купување Тесла Модел 3?'"
Според Деборд токму тука е проблемот со сите анализи за идниот успех на Тесла. Иако основната идеја држи "дека Тесла ќе ја промени индустријата и ќе го забрза префрлањето кон електрични автомобили," треба да се разликува побарувачката на луксузни автомобили и побарувачката на Тесла.
"Тесла лани продаде 50.000 возила бидејќи толку има купувачи што сметаат дека во гаража треба да имаат луксузен електричен автомобил.
Би можело да има уште купувачи од овој тип, ама електричните возила и понатаму се проблематични за поседување, пред се затоа што има треба толку многу време за полнење. Ова значи дека веројатно е постигнат плафонот на првиот бран на сопственици на Тесла," пишува Деборд.
Логиката дека Модел 3 ќе ги потисне јапонските автомобили, Деборд ја отфрла објаснувајќи дека луѓето што купуваат јапонски автомобили го прават тоа затоа што сакаат нешто достапно и сигурно што ќе им дозволи да се движат наоколу, а Тесла купуваш затоа што сакаш да го промениш светот. Процената е дека купувачите на оваа класа нема да го имаат предвид Модел 3, барем не во следните 5 или 10 години.
"Тесла-топијата беше тежок вирус за искоренување. Секој пат кога ќе помислиш дека луѓето кои ја следат Тесла, барем во финансиската индустрија, сфатиле дека производителот на автомобили станува вистинска автомобилска компанија (а не технолошката компанија со спектакуларен раст), истите овие набљудувачи ќе создадат некој нов наратив дека Тесла прави нешто историски брилијантно кое ќе ја промени реалноста во која ние живееме.
Ама погледни ги фактите. На пример, Тојота во 2015-та продала над девет милиони возила низ целиот свет.
Тесла и Маск може ќе го придвижат човештвото напред во однос на евентуално откажување од мотори со внатрешно согорување. Меѓутоа наспроти бројки како овие, со децении ќе биде невозможно за Тесла да има значително влијание, ако преживее. И додавањето на уште еден автомобил во своето портфолио нема да ги забрза работите," порачува Деборд.