Готвачите не можат да поднесат да им ја фотографирате храната

На група водечки ресторани од Франција (меѓу кои и такви со 3 Мишелин ѕвезди) и пукна филмот од луѓе што запнуваат со #foodporn и постојано ја фотографираат храната што им се служи.

Проблемот на готвачите е што фотографирањето станува напорно за околината, бидејќи насекаде светат флешови, луѓето се местат и ги мрдаат масите за фотографијата, некогаш правејќи и по неколку фотки. Крајниот резултат е додека тие да ги објават фотките на социјалните медиуми, храната веќе е изладена.

"Претходно тие го фотографираа своето семејство, или своите баби и дедовци... сега фотографираат чинии. Има време и место за се'. Наша цел е да создадеме специјален момент во времето за нашите клиенти. А за тоа ќе мора да го изгасиш мобилниот," објаснува Александар Готие, готвач во ресторанот Гренуи во близина на Кале.

Готие на своето мени има ставено и знак со пречкртан фото-апарат, не дека ги забранил фотоапаратите и мобилните туку само сака да им го воочи проблемот на гостите.

На готвачите не им е сеедно и кога нивните јадења ги има насекаде по социјалните медиуми, затоа што 1. тоа го намалува изненадувањето, 2. некој може да им го ископира делото и 3. фотографија направена со смартфон не ја доловува храната во полно светло.

На другата страна од светот, некои ресторани во Њујорк веќе ефективно го имаат забрането фотографирањето храна.

"Мојата филозофија е дека ова не е твоја трпезарија, тука си со уште многу други луѓе дојдени да јадат. Луѓето тука се за да уживаат во храната и се што може да им го попречи ова искуство, ние нема да го дозволиме," изјавил сопственикот на њујоршкиот ресторан Токвил.

17 февруари 2014 - 15:35