Тужбата е од SawStop LLC, компанија која има патентирано и изработено технологија за електричен алат што спречува повреди, со која наместо исечен прст ќе завршите со гребнатинка. Според нив, најголемите компании во индустријата намерно не сакаат да ја имплементираат технологијата стравувајќи дека така ќе сносат поголема одговорност.
SawStop тврдат дека тоа што индустријата организирано ја избегнува оваа технологија, тие до сега имаат изгубено 10 милиони долари во приходи. Во тужбата се наведни Бош, Блек енд Декер, Макита и Ријоби.
Основа за целата тужба е друга парница од 2010-та, кога работник ги тужеше Ријоби за претрпените повреди на рака од циркулар од нивно производство. Сведочејќи во случајот, директорот на Ријоби за напредни технологии изјавил дека за време на состаноците со Институтот за електричен алат (здружението на оваа индустрија), стравот бил дека воведувањето на технологијата на SawStop ќе ги изложи компаниите на поголема одговорност.
"Ако друг производител го развие концептот на подобра заштита за циркулар, тогаш производителите кои нема да ја имаат оваа технологија, секако ќе бидат во неповолна ситуација кога е во прашање одговорност за своите производи," изјавил тогаш директорот за напредни технологии, Дејвид Пеот.
Изумот на SawStop во основа пушта слаба електрична струја преку сечилото. Кога човек ќе дојде во контакт со сечилото, тогаш телото апсорбира дел од сигналот. Тука сензор ги открива промените во струјата и активира пружина која заглавува парче алуминиум меѓу запците на сечилото и го блокира. Сето ова се случува во рок од 3 милисекунди (околу 100 пати побрзо од реакцијата на човек).