Германската војска соопшти дека нашла решение за необичниот логистички проблем со кој се соочила во последно време - вишокот алкохол, главно пиво, во нивните магацини во Авганистан. Портпаролката на министерството за одбрана објасни дека одлуката на нивниот командант во Авганистан, на војниците да им се забрани консумирање алкохол поради безбедносни причини, довела до трупање на огромни количини алкохол во воениот камп Мармал во Мазар ел Шариф.
Се работи за околу 23.000 литри алкохол, меѓу кои и речиси 60.000 лименки пиво.
До пред забраната, војниците можеле да дрмнат по две лименки пиво дневно, или еквивалент на тоа во друг алкохол.
Портпаролката ја обелодени и добрата вест дека се нашол приватен контрактор кој ќе го изнесе алкохолот надвор од земјата бидејќи во неа не може да биде продаден заради религиозни рестрикции а не може лесно ни да биде уништен заради еколошки регулативи.
Значи, заедно со војниците кои ја завршуваат мисијата следниве неколку месеци, во Германија се враќа и пивото кое им следува.