Кит Гесен во Гардијан пишува:
Сеприсутноста на Путин во медиумите почна да ја издига и практиката на путинологија, „создавањето коментар и анализа околу Путин и неговата мотивација, базирани на делумни, некомплетни, а понекогаш и целосно лажни информации - како посебна интелектуална индустрија повеќе од една деценија. Таа доби на сила со руската инвазија на Крим, меѓутоа последниве месеци, како што обвинувањата за руското мешање во изборот на Доналд Трамп за претседател почнаа да доминираат со медиумите, путинологијата се надмина себеси.
Никогаш до сега немало толку многу луѓе со толку малку знаење и толку голем гнев, со став на темата претседател на Русија.
А што ни кажува путинологијата? Излегува дека таа има создадено седум посебни хипотези околу Путин. Ниту една од нив комплетно погрешна, меѓутоа ниту една ни комплетно точна (освен број 7).
Земени заедно, тие ни кажуваат исто толку за самите нас колку што ни кажуваат и за Путин. Тие сликаат портрет за интелектуална класа - нашата сопствена - на работ на нервен слом.“
Теорија 1: Путин е гениј
„Едноставно е, додека светот игра дама, Путин игра шах. Им го одзема Крим на Украинците без речиси испукан куршум; ја врати Јалта, омиленото летувалиште на Чехов и руските цареви, а се соочи само со казната на помали санкции.
Интервенираше во Сирија во корист на Асад, откако САД, Турција и Саудијците потрошија години на поддршка на бунтовниците, и за кратко време го сврте текот на војната.
Одигра клучна улога во поткопувањето на про-ЕУ консензусот, финансирајќи ја евроскептичната десница - и таму каде што треба, евроскептичната левица - со цел растурање на поствоениот меѓународен поредок и негово заменување со серија билатерални односи во кои Русија, во најголем дел, може да биде доминантниот партнер.
На крај, се мешаше во американските избори, во изборот за позицијата на најмоќниот човек во светот, и успеа да внесе свој човек во Белата куќа. А последиците од ова беа неколку избркани негови дипломати од САД.“
Теорија 2: Путин е никој и ништо
„Најголем број Руси прв пат го видоа Путин на Нова година 1999, кога во неверојатен пресврт на настаните, очигледно болежливиот Борис Јелцин, со уште 6 месеци останати од мандатот, го искористи традиционалното обраќање до нацијата за да објави дека поднесува оставка на позицијата и власта му ја предава на неодамна назначениот, помлад и поенергичен премиер.
Тогаш се појави Путин. И ефектот беше преплашувачки. Јелцин изгледаше збунет и болен. Неговиот говор едвај се разбираше. Седеше здрвено и исправено како да носи протеза. Ама ова? Ова џуџе? Путин изгледаше мал во однос на Јелцин, и иако помлад и поздрав, тој сепак успеа повеќе да наликува на смртта. Зборуваше неколку минути ветувајќи од една страна дека ќе ја зачува руската демократија, а од друга страна давајќи разни предупредувања за оние што ѝ се закануваат на Русија. Многумина не веруваа дека Путин ќе издржи долго време на позицијата. Со сите свои мани, Јелцин беше некој и нешто: висок, со моќен глас, поранешен член на советското Политбиро. А Путин? Тој беше, како што луѓето наскоро дознаа, обичен полковник во КГБ. Тој беше испратен во странство, ама не многу далеку - до Источна Германија, во зафрлениот Дрезден. Тој беше низок и имаше пискав глас, а неговата коса изгледаше како да слабее. Тој беше безвреден лик дури и меѓу безвредните ликови што останаа по постојаните чистки на Јелцин во својот кабинет.“
Позицијата на луѓето што го знаеле Путин во 90-те е дека:
„Тој е апсолутно просечен човек... Неговиот глас е просечен... ниту силен, ниту висок. Има просечна личност... со просечна интелигенција, не посебно висока интелигенција. Би можел да излезеш на улица и да најдеш илјадници и илјадници луѓе во Русија, сите исти како Путин.“
Теорија 3: Путин доживеал мозочен удар
„Оваа класика на путинологијата беше популаризирана во 2005 во статија на Атлантик насловена 'Случајниот автократ', во која беше цитирана бихејвиорална истражувачка од Поморскиот воен колеџ од Роуд ајленд, Бренда Конорс. Откако ги студира движењата на Путин, Конорс заклучува дека тој страда од невролошки проблеми најверојатно предизвикани од мозочен удар како новороденче, и затоа нема целосна контрола врз десната страна од телото - што се гледа по тоа дека тој повеќе ја мавта својата лева рака кога оди, отколку десната.“
Теорија 4: Путин е агент на КГБ
„По неговата славна прва средба со Путин, новоизбраниот претседател Џорџ Буш на прес-конференција изјави дека погледнал во очите на Русинот и ја видел неговата душа. Неговите советници беа преплашени од ова. Кондолиза Рајс во своите мемоари пишува: 'Јас бев видно преплашена'. Државниот секретар Колин Пуел на страна му објаснува на својот претседател 'Ти може си видел тоа што мислиш дека си го видел, ама јас кога ќе го погледнам во очи, гледам К-Г-Б. Не го заборавај тоа. Има причина зошто тој течно зборува германски.' Слично се чувствува и потпретседателот Дик Чејни: 'Секој пат кога го гледам Путин, си мислам КГБ, КГБ, КГБ.'
И од тогаш цело време е така. Секојпат кога Путин се обидува да е добар со некого, тоа е затоа што тој е КГБ-агент, кој ги манипулира. А кога и да е лош - како кога ја запозна Ангела Меркел, која има страв од кучиња, со својот црн лабрадор Кони - тој тоа го прави затоа што е КГБ-агент што сака да стекне психолошка предност.“
Теорија 5: Путин е убиец
Откако во Њујорк разговара со една француска фотографка, која го смета Путин за убиец, Гесен го зема предвид нејзиното мислење затоа што пред сè го доживува како естетска забелешка: „Путин беше убиец поради неговото студено лице, очите без израз и одбивањето да се насмее. Неколку месеци подоцна, Литвиненко беше отруен во Лондон, а новинарката Политковскаја беше застрелана додека се враќаше дома во центарот на Москва. Тогаш ова гледиште стана уште пораширено.“
Теорија 6: Путин е крадец
„Сè до 2009, поплаките на либералните критичари на Путин во Русија, засилени од западните новинари и државници, се концентрираа на неговото прекршување на човековите права. Тој беше цензорот на руските медиуми, касапот на Чеченија, убиецот на Литвиненко, освојувачот на Грузија. Потребен беше Алексеј Навални за комплетно да се смени дискурсот околу Путин од овие злоупотреби кон нешто сосема друго: кражба на парите на Русите. Навални, инаку корпоративен адвокат и онлајн антикорупциски активист, заклучи дека добитно прашање во современа Русија не се човековите права, туку парите. Овој став наскоро беше преземен од голем број западни путинолози, Путин повеќе не беше страшното чудовиште, туку нешто многу попросто и полесно за справување: стана крадец.“
Теорија 7: Путин се вика Владимир
„Неодамнешна статија објавена на страницата на Венити фер ги предупреди читателите дека крајот на комунизмот 'не значи дека Русија се откажала од својата примарна мисија на дестабилизирање на Европа' и го опишува Путин 'како поранешен КГБ-агент што не случајно го дели името Владимир Илич со Ленин.' Кога беше истакнато дека Путин всушност не го дели името Владимир Илич со Ленин - неговото име е Владимир Владимирович Путин - статијата беше коригирана и пишуваше дека не е случајно тоа што Путин го дели името Владимир со Ленин. Ако тоа не е случајност, тоа можеби е затоа што тоа е едно од најчестите руски имиња. Меѓутоа, сепак ова не може да се негира. И Путин и Ленин се викаат Владимир.
Хипотезата Путин-се-вика-Владимир е или историската кулминација на путинологијата, или нејзиното дно, зависи од вашата перцепција. Ама самоувереното прогласување експертиза од некој што технички не го знае ни името на Путин секако е знак на нешто. Тоа е знак дека путинологијата не е, ниту некогаш била околу Путин. Во неделите пред и по инаугурацијата на Трамп, поплавата од путиноанализи беше олицетворување на желбата да го снема Трамп, да обвиниме некого друг за него. Секако дека ние не би избрале ваков идиот-нарцис полн со предрасуди - сигурно тој ни е наметнат од друго место.
Сега нема поента да се противите на консензусот на мнозинството разузнавачки аналитичари дека руски агенти ја хакнале Демократската партија и ги испратиле мејловите до Асанж; исто така е добро познат факт и дека Путин ја мрази Хилари Клинтон.
Дополнително, точно е дека изборите беа многу тесни и дека не требаше многу за да превагне една од страните. Меѓутоа клучно е да се запамети и дека во мејловите немаше ништо лошо за Демократската партија.
Во споредба со 40-годишниот циклус на американската деиндустријализација, при кој само богатите се збогатија; 25-годишната војна на десничарите со Клинтонови; осумгодишните напади врз фактите, имиграцијата и врз даноците од страна на движењето Чајанка; млаката, центристичка кампања и „откритието“ во последен момент од директорот на ФБИ за сомнителната истрага за тоа дека Клинтон праќала мејлови од приватен сервер - е па во однос на сите овие фактори, протечените мејлови на Демократската партија мора да котираат ниско на листата на причини за победата на Трамп. А сепак, според еден неодамнешен извештај, за изборниот дебакл Хилари Клинтон и нејзиниот персонал од кампањата сè уште ги обвинуваат Русите - а и Барак Обама, кому пред ноември хакирањата не му беа голем проблем. Така, размислувањето за Путин помага да не се размислува за сè друго што било направено погрешно и за она што сега треба да се направи за тоа да се поправи.
Ова затајување е суштината на путинологијата, која бара утеха во непобитната, но далечна злоба на Путин наместо да се соочи со многу понепријатното зло што ни е пред носот. Путинологијата се појави цела деценија пред изборите во 2016 година, а сепак сето она што го видовме во врска со Трамп изминативе неколку месеци беше нејзиниот платонски идеал.
Тука пред нас имаме човек - Доналд Џеј Трамп - кој има кажано безброј сурови и фанатични работи и кој има предложено сурови и фанатични политики, кој е патолошки лажго, кој не успеал во речиси ништо што некогаш го почнал и кој се опкружи со измамници и милијардери. А сепак, од ден на ден, постои некоја забревтана возбуда во врска со секој нов податок во напорите да се откријат тајните/скриени врски на Трамп со Русија - поттикнати од надежта дека по ова сега тој конечно ќе стане нелегитимен, ќе биде избркан од Белата куќа и ќе заврши кошмарот на либералите поради тоа што навистина ги загубија изборите од овој гневен глупак.
Ако Доналд Трамп биде отповикан и затворен зашто правел заговори со странска сила за да ја поткопа американската демократија, јас ќе славам исто колку и сите Американци. А сепак, на долг рок, руската карта не е само лоша политика, таа е интелектуален и морален банкрот. Таа е обид за длабоките и долгогодишни проблеми на нашата земја да се обвини една странска сила. Како што посочуваат некои коментатори, тоа е страница од сценариото на никој друг туку лично на Путин.“
Целиот текст со поопширна обработка на теориите, тука