Податоци за првиот квартал на 2021 година покажуваат дека преку 100 лобисти се ангажирани да контактираат и убедуваат американски законодавци и членови на администрацијата на Бајден да не се дозволи привремено паузирање на стандардните права за интелектуална сопственост за да може светот да добие евтини вакцини кои би се произведувале глобално.
Во лобито се и моќни фигури како што е Мајк Меккеј кој е главен собирач на фондови за конгресменските Демократи а истовремено работи за Фајзер, како и неколкумина членови на американскиот офис за трговија кој ги надгледува преговорите со Светската трговска организација. Во игра се и американската трговска комора, Алијансата за интелектуални права, Тркалезната бизнис маса и други компании кои регуларно примаат пари од фармацевтите.
Во моментов, само еден процент од вакцините за коронавирус одат во земјите со ниски приходи а проекциите велат дека огромен дел од светската популација ќе треба да ги чека 2023 и 2024 за да дојде ред и за нив да има вакцина. Како реакција на таквата ситуација, коалиција од држави предводена од Индија и Јужна Африка побара од СТО привремено да ги суспендира правата за интелектуална сопственост за производи поврзани со ковид за да може нивни генерички варијанти да се произведуваат секаде, без страв од тужби на оние кои ги имаат лиценците.
Иницијативата наиде на поддршка од стотина членови на Европскиот парламент и дузина американски законодавци предводени од Берни Сандерс но тешко дека ќе пројде бидејќи моќните фармацевти имаат многу џокери во рака.