Неколку години откако стана легална алтернатива за граѓани над 18 години, лани 10 илјади луѓе решиле на овој начин да ја завршат својата овоземна авантура. Тоа е за една третина повеќе од претходната година. Услов е да се трпат неиздржливи болки и да се соочува со неизбежна смрт во блиска иднина, што треба да биде потврдено од двајца лекари.
Ваквата пракса е легална во седум држави, како и во делови од Австралија, но канадската законска регулатива е полабава од повеќето. Се очекува догодина да стане уште полабава.
Во превод, секој возрасен во Канада денес, соочен со тешка болест или проблем со менталното здравје, има право да бара еутаназија. Се чини дека тенденцијата е да бидат опфатени можеби и сиромашни, а можеби и малолетни.
„Законот е веројатно најголемата егзистенцијална закана за хендикепираните уште од нацизмот во Германија во 30-тите“, вели директорот на канадскиот Институт за инклузија при Универзитетот на Британска Колумбија, Тим Стејтон.
Другите земји каде еутаназијата е легална имаат одредени заштитни механизми: им се забранува на докторите да ја спомнуваат како опција на своите пациенти, и им се наложува да ги исцрпат сите други опции пред да се решат на таков чекор. Канада нема такви механизми.
Некои Канаѓани се одлучуваат за еутаназија не само заради здравствената состојба тука и заради високите медицински трошоци. Шон Таргет, 41-годишен човек што страдал од амиотрофична латерална склероза, ја потпишал својата смрт откако сфатил дека не ќе може да продолжи секојдневно да плаќа болничка нега. Роџер Фоли, разбрал дека неговата дегенеративна болест на мозокот наскоро ќе го чини 1.500 долари на ден, и постапил слично.
И папата Франциско ја осуди идејата на луѓе да им се „нуди смрт“ наместо емпатија. Загрижени се и експерти и Обединети Нации, но се чини дека канадската влада не планира да отстапи, сметајќи дека дава опција за „достоинствена смрт“ на оние што се во безизлезна ситуација.