ЕУ нема да види корист од Брегзит

Наместо сериозно да ги разгледаат опасностите од Брегзит, многумина во ЕУ се однесуваат како членови на богато семејство кое е на добар пат да изгуби некој богат роднина, ментално делејќи го нивното наследство пред тестаментот воопшто да биде прочитан, пишува Фабрцио Коричели, професорот по економија на Париската школа за економија.

Ваквото однесување Коричели посебно го забележува во Италија, каде "силно про-ЕУ настроениот премиер Матео Ренци се бори за поинтегрирана Европа, со просперитетен Апенински полуостров во нејзиното средиште". За Коричели, ЕУ и Ренци премногу високо ги имаат кренато очекувањата.

Како потенцијални пропусти во нивните пресметки тој наведува дека Брегзит ќе значи повисока цена на тргување со Обединетото Кралство, кој е еден од најзначителните увозници на италијански производи. Коричели не гледа ни од каде се очекувањата дека по заминувањето Британија и ЕУ нема да си наметнат трговски ограничувања, посебно "ако се имаат предвид протектционистичките тенденции кои го помогнаа подемот на британскиот евроскептицизам и можноста дека европските законодавци ќе се обидат да ги откажат останатите држави од следење на примерот на Британија."

Трета работа што тој ја очекува е што Брегзит ќе предизвика значителни проблеми на финансискиот пазар, "ризик што многумина го потценуваат."

"За Италија, каде банкарскиот сектор допрва треба да закрепне од последната финансиска криза - а и понатаму останува под товарот на огромниот волумен на лоши позајмици - ваквиот шок би бил разорувачки. На ова додај ја стапката на невработеност кај младите од над 40% и приходи кои се уште се на исти нивоа од пред 16 години, и 'Римската Европа што некои ја замислуваат изгледа малку веројатно да се појави,'" пишува Коричели, прашувајќи што ќар од тоа што во Милано ќе се појават уште неколку клириншки куќи, кога десетици илјади млади Италијанци кои заминале за Британија во потрага по работа, ќе мораат да се врата дома, невработени.

На страна сето ова, според Коричели најопасното нешто што може да излезе од Брегзит е "оживувањето на популистичките движења и нивната националистичка порака. Нивните лидери, кои долги години ја обвинуваа ЕУ за проблемите на Италија, сигурно ќе се обидат да ги искористат последиците од Брегзит за да го свртат граѓанинот против Европа."

21 јуни 2016 - 15:55