Горенаведената теза, испитувана во делото на професори од Харвард во суштина значи дека екстремните политички погледи се должат на "илузијата на разбирањето". На чувството на некои од нас дека им е јасна целата приказна околу која имаат цврсти, непоколебливи и најчесто радикални ставови и решенија.
Но, кога од носителите на таквите ставови ќе биде побарано да ги објаснат механизмите по кои функционира извесна политичка реалност, тие се принудени да се соочат со своите непознавања и почнуваат да ги ублажуваат своите погледи.
Претпоставката била потврдена со прашалник за серија битни јавни прашања како што се санцкиите кон Иран, зголемување на старосната граница за пензионирање, даночни измени, здравствени реформи и сл.
На ниво на механички проценки на овие ситуации биле детектирани јасни и недвосмислени ставови. Кога од луѓето било побарано да ја објаснат темата, почнале дилемите. Авторите заклучиле дека барањето за функционално објаснување на нештата има посилен ублажувачки ефект отколку само да се прашаат луѓето зошто мислат на начин на кој мислат.
Еден од заклучоците на студијата е и дека проблемот не лежи во волуменот на политичката дебата туку во нејзиниот тип.