
Планот кој веќе пројде во Долниот дом на индискиот парламент, треба да ја зголеми површината под шума од 21,34% на 33% од вкупната територија на Индија.
Парите веќе се собрани од најразлични давачки што приватните компании ги плаќаат уште од 2006-та за започнување на проекти на шумско земјиште. Предлог законот предвидува на сојузните влади да им бидат достапни околу 90% од акумулираните фондови, а останатите да бидат задржани од централната власт.
Експертите уште од сега имаат сомнеж околу проектот, не дека не веруваат дека дрвјата ќе помогнат, туку се сомневаат околу тоа како ќе се искористат парите и кој ќе го контролира трошењето.
"Често пати самите шумски власти подметнуваат пожари во кои горат огромни површини шума, затоа што не успеале да исполнат одредени таргети, па потоа се жалат дека нивната работа била изгубена во пожарите," објаснува научникот и раководител на НГО-то Енвиронс труст, Сридхар Рамамурти.
Дополнителен страв е дека властите ќе се обидат да пошумат површини кои никогаш до тогаш не биле под шума, бидејќи изгубените шумски површини моментално се користат за земјоделие или на нив има индустриски капацитети. Од 1980-та до денес министерството за животна средина има дозволено пренаменување на 1,29 милиони хектари шуми.