Данокот е мртов, да живее кралот!

Во Америка мора само да се плати данок и да се умре. Во Британија исто, освен кај една фамилија чии членови мораат само ова второто. Кралот Чарлс ќе плати нула данок за наследството кое го доби. Да добиеше толкаво наследство човек надвор од таа фамилија, ќе мораше на државата да ѝ се опрси 200 милиони фунти.

Минатата недела, новата британска премиерка обелодени план за преживување на енергетската криза. Димензиониран на фасцинанти 150 милијарди фунти, тоа е убедливо најголемата фискална интервенција на која било влада после Втората светска војна. 

Наместо педантно да ги прочешлуваат тие мерки, пратениците со денови ламентираа над судбата на кралското семејство и (прераното?) заминување на 96 годишната кралица.

Вклучително „бљуц“исповеди како на поранешната министерка Трејси Крауч:

„Моето 6 годишно дете ми ја зеде раката  и ми кажа: 'Не секирај се мамо, сега кралот ќе нè варди сите нас'. Во право е. Да живее кралот!

Како помлади, и премиерката Лиз Трас и лидерот на Ториевците, Кир Стармер беа за укинување на монархијата. Од лично искуство им се познати републиканските чувства и зошто не сите се благонаклони кон кралското семејство. Денес тие двајца не ни пробуваат да сигнализираат дека постои плурализам по тоа прашање.

„За време на ова засилено оплакување, секому му се кажува што да мисли, дури и на оние милиони луѓе кои реално мислат што ќе јадат,“ пишува Адитја Чакраборти во Гардијан.

Изгледите не се добри. Според предложениот план на премиерката, 4,5 милиони луѓе кои се на поевтина при-пеид тарифа за струја поради минимални приходи, ќе добијат нула помош. Од големите 150 милијарди фунти, за народните кујни и другите цивилни и црковни платформи за помош на ранливите, ќе има пари само неколку месеци.

Според некои проценки, половина од луѓето нема да можат да ја избуткаат зимата без да се задолжат. А ќе мора да штедат сите и тоа сериозно, меѓу другото и да одат еден саат пешки на работа наместо да фатат автобус.  

И додека едни ќе потонат, други ќе продолжат да лебдеат над законите. Таму ова не е баш масовно објавено, ама кралот Чарлс нема да мора да плати ниту пени данок на наследство на огромниот имот што му припадна. Тој нема ниту законска обврска да плаќа ни данок на доход; го прави тоа доброволно.

Вака е уредено од 1993 година. Децении пред тоа, монархијата воопшто не плаќаше даноци. Кога ја објави даночната великодушност кон кралското семејство, тогашниот премиер Џон Мејџор тоа го објасни како „доминантна волја на луѓето од оваа држава“. Луѓето, се разбира, не ни беа прашани за тоа.

И додека се одржувани од даночните обврзници кои наспроти маките мораат да плаќаат и за реновирање на Виндзор, кралската лоза и не е секогаш само во облаците. Роб Еванс и  Дејвид Пег од Гардијан обелоденија дека кралицата има ставено вето на преку 1.000 закони пред тие воопшто да се најдат пред пратениците.

„Рајот на богатите е изграден од пеколот на сиромашните,“ велеше еден лик од роман на Виктор Иго.

„Еден закон за милијардерот Чарлс, друг закон за тебе. Извршители за најсиромашните, даночни повластици за најбогатите. Општество со сета најнова технологија и софистицираност, а сепак во сенка на средновековниот феудализам“, пишува Чакраборти.

 

15 септември 2022 - 14:30