Тереза Меј деновиве назначи министерка за осаменост кој ќе треба се справи со општествените и здравствени проблеми предизвикани од социјалната изолираност. На тоа место е назначена Трејси Крауч која до неодамна беше одговорна за спорт и граѓанско општество а во иднина ќе раководи со интер-ресорска владина група која ќе треба да креира политики кои ќе го адресираат растечкиот проблем.
Ова е една од неколкуте препораки кои произлегоа од минатогодишниот извештај на еден владин комитет на оваа тема.
„За премногу луѓе, осаменоста е тажна реалност на модерниот живот. Сакам да се конфронтираме со овој проблем“, порача Премиерката.
Бројките навистина се брутални. На островот постојат 9 милиони луѓе кои рекла дека постојано или најчесто се чувствуваат осамени а околу 200.000 стари лица немале со кого да прозборат повеќе од еден месец.
А осаменоста не е само ментален проблем. Хроничното чувство на самотија може да води кон повишен крвен притисок, срцеви заболувања па и деменција а тоа погаѓа луѓе без оглед на нивната возраст, пол или животна ситуација.
„Осаменоста може да убие. Докажано е дека таа е поштетна отколку да пушите 15 цигари на ден“, вели Марк Робинсон од една британска непрофитна која се занимава и им помага на стари лица.
Но, едно е кога цивилното општество органски ќе се здружи за да олеснува или решава проблем на одредени сегменти на популацијата, а сосема друго кога со проблеми како што се емотивните дефицити ќе фати да се бави политиката односно државата.
Политичката борба која некогаш успеа радикално да го трансформира општеството и економијата сега се претвора во мелодрама и се претвора во лобирање на сè побројната класа на жртви по разни основи. А штом ќе се утврдат жртвите, ќе се бара државна помош за нив.
„Креаторите на политики не можат да решат проблем каков што е осаменоста. Тие може проблемот само да го влошат. Да се врамуваат општествените проблеми во јазикот на емоциите може да предизвика ефект на пророштво кое само се исполнува. Луѓето сè повеќе навикнуваат да размислуваат за проблемите во емотивни термини а тоа продуцира спирала од побарувачка на емотивна поддршка, пишува Ешли Фроули.
Потегот на Тереза меј не е прв случај кога политичар решава да искористи колективни емоции во државни проекти. Тоа своевремено го има направено американскиот претседател Линдон Џонсон кога формира работна група која требало да ги идентификува американските цели во здравството, образованието и - среќата. Наидува на лавина критики а во еден сатиричен текст неговиот обид да стави државна капа над состојби како што е среќата е претставен вака:
„Историскиот документ за среќата од 1966 кој претседателот го потпиша денес на една весела церемонија во Дизниленд, ќе ја искористи целата сила на федералната власт во борба против депресијата, меланхолијата, досадата, неделната мрза и комплексот на помала вредност“.
Додадете ја во таа низата и осаменоста и ќе видите колку сатирата знае да биде претскажувачка.
„Некогаш од политиката очекувавме и баравме многу повеќе отколку да ни наоѓа пријатели“, со жалење констатира Фроули.