Дали и американската химна ќе оди курбан во име на „освестеноста“?

Во една налик излишна вест што беше објавена деновиве се наведува дека НБА тимот Далас Маверикс ќе почне да ја пушта американската химна пред почетокот на секој натпревар. Зошто би било ова вест кога американската химна се пушта од првиот ден на постоење на НБА?

Излезе дека Далас Маверикс ја немаат пуштено химната на 13 домашни натпревари од годинешната сезона и пред-сезона, и тоа на барање на сопственикот Марк Кјубан.

НБА сега реагира околу химната затоа што досегашните натпревари се играат без публика заради пандемијата, а дури од неодамна на тимовите им беше дозволено да почнат да пуштаат публика на натпреварите.

„Како што НБА тимовите се подготвуваат за отворање на вратите за фановите, сите НБА екипи ќе ја изведуваат националната химна пред натпреварот во согласност со долгогодишната политика на лигата,“ се наведува во соопштението.

Иако ова за сега може да се води како решено во корист на химната, за иднината на „The Star-Spangled Banner“ на јавните настани и како тоа ќе се претвори во следна тема за раздор на Американците, многу говори изјавата на Марк Кјубан околу целата работа:

„Отсекогаш сум стоел на химната со рака на срцето - без разлика каде таа се свирела.

Меѓутоа исто така ги слушам и гласовите на оние кои не се чувствуваат дека химната ги претставува. Ние чувствуваме потреба и тие луѓе да бидат чуени и почитувани, бидејќи до сега не биле чуени.

Се надевам дека оние што се страсни за да ја чујат химната како свири, ќе бидат подеднакво страсни да ги чујат и оние кои се чувствуваат дека химната не ги претставува нив.“

11 февруари 2021 - 12:25