Багдади е роден во Ирак, а во 2004 е уапсен од американските власти и е сместен во американски затвор во јужен Ирак.
Во затворот посебно му се погодува средината па таму развива мрежа и познанства со криминалци, поранешни членови на партијата на Садам и џихадисти, меѓу кои Абу Муслим ал-Туркмани, Абу Луај и Абу Касим. По излегување од затвор Багдади заедно со овие тројца го формира јадрото од кое подоцна произлегува ИСИС. Тој е и човекот кој успева да ги придобие на своја страна членовите на ал-Каеда Ирак.
Пред војната Багдади добива докторат по Курански студии од Универзитетот во Багдад, што нему му дава поголем религиозен кредибилитет отколку на останатите џихадистички лидери, вклучително Осама и ал-Завахири. Ова, заедно со неговата наводна семејна линија што води директно до пророкот Мухамед, го отвара патот за Багдади да се прогласи себе си за Калиф, во говорот во Големата џамија во Мосул во јуни 2014. (Пред некој ден ИСИС ја сруши оваа џамија, тие пак тврдат дека САД го направиле тоа.)
Неговото прогласување за Калиф во најсериозните случаи беше дочекано со рамнодушност во западните безбедносни и разузнавачки кругови. Но на другата страна од приказната тоа успеа да привлече дотогаш незабележан бран на доброволци и странски борци во редовите на ИСИС. Десетици илјади муслимани одлучија да му се приклучат на ИСИС во борбата за изградба на калифатот.
Прашањето на Форин афеарс е колку голем удар е смртта на Багдади за преживувањето на ИСИС? Академскиот став околу ефективноста на убивањето терористички лидери е на сите страни. Според една студија отстранувањето на командантите кои се на средина на хиерархијата е далеку поефикасно во спречување на следни напади, отколку елиминација на лидерот, бидејќи така се прекинува врската меѓу раководството и војниците на организацијата.
Сосема друга студија од Џорџија тек, заклучува дека елиминирањето на лидерот може да биде и контрапродуктивно, затоа што "тоа ја засилува решителноста на групата и поттикнува одмаздувачки напади." Авторите на трета студија доаѓаат до заклучокот дека убивањето на лидерот може да резултира со подем на побрутален и поефикасен лик, како што е и случајот со подемот на Багдади кој го зазема местото на поранешниот лидер на ал Каеда во Ирак, Абу Мусаб ал-Заркави.
Аргументите во корист на убивањето на лидерот, тоа го сметаат како ефективен метод за осакатување на кохезивноста на организацијата, и дека интензитетот на конфликтот е далеку поверојатно да се намали откако лидерот ќе биде елиминиран.
На страна научниот дел, во убиството на Багдади има одредена симболика, која покажува колку е ослабена ИСИС и дека повеќе не може да го заштити својот водач.
Она што е сигурно е дека неговата смрт нема да значи и инстантен колапс на ИСИС, туку таа најверојатно ќе се "пререгистрира" од организација која води фронтовска војна со светот, во таинствена терористичка организација што ќе има капацитет "да извршува спектакуларни напади на Блискиот Исток и пошироко".
Центарот на моќ е најверојатно да се пресели од Блискиот Исток на либиската филијала на ИСИС, која се поврзува со нападите на Берлин во декември 2016, и неодамнешниот напад во Манчестер.
Слична траекторија имаше и ал Каеда по убиството на Бин Ладен во мај 2011. Наместо колапс, организацијата се адаптираше и еволуираше. Моментално тие имаат повеќе борци во Сирија отколку што имаа на врвот од својата моќ.
Една од опциите е и смртта на Багдади да отвори простор за помирување меѓу ИСИС и ал Каеда, инаку спукани заради неговото одметнување.
"Ако излезе точно дека Русија го убила Калифот, тоа ќе биде значителна загуба за ИСИС. Тоа не би значело инстантна смрт за групата, ама симболиката е важна, посебно затоа што Багдади ја изгради својата организација околу култот на личноста и моментално нема харизматичен лидер подготвен да го заземе неговото место," пишува Колин Кларк во текстот за Форин афеарс.