„Смореноста" е начин на живот, „лајк" мерило за личната и колективната вредност, а врв на интелектуалност споделување на лажни цитати од Иво Андриќ - вели Алексеј Кишјухас, кој предава на Филозофскиот факултет во Нови Сад, опишувајќи го поширокиот контекст во кој тој треба некого да заинтересира за сложени филозофски концепти. А во тоа, според него, ни жонглирањето и голтањето оган, со мајмунче како демонстратор, на многумина не би им помогнало.
Сепак, суштината не е во старечкото кукање или во дефетистичката резигнација пред некаква неука, неморална и масовно произведена младина. Веројатно уште во „Гилгамеш" има глинени плочки на кои старите дробат за тоа дека новите генерации ќе ја уништат цивилизацијата. Неговата поента е токму филозофска и гласи - чуму уште филозофија?
Кому му е гајле за некаков Платон, Декарт или Кант со вака висока стапка на невработеност? Кој уште би ги разликувал Анаксимен и Анаксимандер, кога Амадеус бенд има нова песна на Јутјуб? Занимавањето со филозофија подразбира размислување и расправање за прашања кои го мачеле човештвото илјадници години и ни дава храбри објаснувањa за тоа како и зошто мислиме, осознаваме, набудуваме, како се однесуваме и како сакаме. Нашите лични и аматерски погледи на свет се базично филозофски, само што можеби не знаеме тоа да го елаборираме. Барем не толку вешто колку старите и настрани брадести мајстори. Затоа што ако сме сомничави - ете ни го Хјум. Ако веруваме во бесрмтната душа и испразноста на материјалниост свет, тогаш близок ни е Платон. Ако сме оптимисти, тука е Лајбниц. Ако инсистираме на почитувањето на државата во која живееме, Хобс и Хегел. Ако нè пали да живееме во склад со природата, Русо, ако сето наведено ни е бесмислено - Сартр.
Конечно, филозофијата нуди и практични вештини од логика и методологија, од правилно заклучување и критичко мислење, за да не нè лажат со опасности од вакцинација или да нè лечат шарлатани. Сето ова, па малку ли е?