
По интернет сокаците летово се прошири вест дека ЦИА своевремено водела јавна куќа каде експериментирале со дроги, вклучувајќи ЛСД.
Фактчекерите Сноупс викаат дека информацијата е точна:
„Пребарувањето на извештаи што ЦИА ги има објавено, стари исечоци од весници, Архивата за национална безбедност на Универзитетот Џорџ Вашингтон и архивата од сослушувањето на Комитетот за разузнавање на Сенатот од 1977 година, откри дека тврдењето е точно“.
Операцијата „Midnight Climax“ била една од 149 подпроекти што се спроведувалe под чадорот на проектот MKULTRA. Се случува тоа во врвот на Студената војна меѓу САД и СССР, во време кога двете супер-сили се тркале по пософистицирани и поризични начини за извлекување тајни еедни од други.
МКУЛТРА се занимавала со истражување и развој на хемиски, биолошки и радиолошки материјали кои би биле корисни во тајни операции за контрола на човековото однесување. Тоа била обемна програма во која агенцијата истражувала разни супстанции за контрола на умот и однесувањето.
Свет Грал им бил „серум на вистината“, нешто што ќе му ја спушти „рачната“ на субјектот за да може да оддаде важни и строго доверливи информации.
Операцијата „Свршување на полноќ“ (наш превод) ја водел Џорџ Хантер Вајт, федерален агент за наркотици. Била отворена куќа во Сан Франциско во која проститутките биле обучени да ги намамат клиентите и да им дозираат дрога што им го шашардисува опаметот. Притоа, клиентите не биле свесни дека се дрогираат.
Додека мажи влегувале во лажниот бордел, а проститутките ги дрогирале без нивно знаење, преку двонасочни огледала агенти на ЦИА ги набљудувале ефектите.
„Некои од испитаниците станувале насилни или биле хоспитализирани“, се кажало на едно од сослушувањата.
Најчесто се експериментирало со диетиламидот на лизергинската киселина, попознат како ЛСД.