Германската полиција го апси убиецот кога се обидува да се ослободи од пиштолот и периката, меѓутоа тој продолжува да се брани со молчење. За него само се знае дека има руски пасош со лажен идентитет, и дека многу веројатно е еден од серијата чеченски убијци кои последнава деценија оперираат низ Европа.
Тоа што го снајде Кангошвили, изминативе години е карактеристично за голем број Чеченци во Европа, кои таму завршиле затоа што некако се огрешиле пред Рамзан Кадиров, владетелот на руската република.
Во 2009-та е убиен поранешниот телохранител на Кадиров, Умар Исраилов, кој почна да се отвора за својот поранешен шеф, како и политичкиот ривал, Сулим Јамадајев. Само во Истанбул изминатава деценија се убиени неколку проминентни Чеченци, а слични убиства се случуваат и во Украина, каде Чеченците како доброволци се борат против про-руските сили.
Овие луѓе обично се избегани од Чеченија затоа што по дома безбедносните служби на Кадиров прават чистки по најразлични основи. Причината зошто овие бегалци завршуваат во Турција и Украина, е затоа што Германија и остатокот од ЕУ и понатаму е алергична на муслимански бегалци, па Чеченците ги става во ист кош со Сиријци и Ирачани, и идентично се труди да не им даде азил.
За тие што сепак ќе се решат да тргнат за ЕУ, патот обично води преку белорускиот град Брест во близина на границата со Полска. Од Брест секое сабајле трга воз со во просек 200 Чеченци, кои мора да патуваат во посебен вагон од останатите патници. Кога стигаат на полската граница, тамошниот граничар обично избира едно семејство на ден на кое му дозволува да побара азил, а останатите се вратени назад со истиот воз. И истото ова, истите луѓе, го повторуваат речиси секој ден.
Пример, Ајуп Абуслимов и неговото семејство 5 месеци живеат во Брест и по неколку пати неделно патуваат кон полската граница. Тие бегаат од Чеченија откако братот на Ајуп исчезнува во јануари 2017. Ајуп почнува да пишува жалби за тоа што се случило, барајќи до својот брат. Во јуни 2017 Ајуп е пресретнат од непознат автомобил однесен на непозната локација каде 2 месеца бил измачуван со цел да потпише документ дека брат му се борел во Сирија („најлошо беше кога ќе те врзат, ќе ти ја отворат устата и ќе ја наполнат со огромна количина сол, па кога ќе почнеш да се давиш ти истураат вода во уста за цела таа сол да ти влезе во организмот што ужасно боли дур минува низ тебе“).
По целото чекање во Брест откако успева да влезе во Полска, Ајуп ја раскажува својата приказна пред тамошните медиуми. Кратко по ова, на излегување од супермаркет во полскиот град Бијала Подласка, Ајуп е пресретнат од возило со тројца мажи во него. Тие се обидуваат да го внесат на задното седиште, но тој се бори и успева да избега.
Неколку дена подоцна добива повик од руски број, во кој чеченски глас му вели: „мислиш нема да те најдеме во Полска? Секаде ќе те најдеме.“
Сега тој и семејството се пребегани во Германија, каде имаат проблем да добијат заради бирократски проблеми.
Освен стандардните бегалски проблеми за влегување во ЕУ, за Чеченците пречка знаат да бидат и руските власти, кои можат на кого сакаат од бегалците да му закачат етикета „радикализиран“ (не секогаш неоправдано).
Рамзан Кадиров е претседател на Чеченија од 2007, каде доаѓа три години по атентатот на неговиот татко, Ахмад Кадиров, првиот претседател на Чеченија, кој беше убиен во 2004 од чеченски исламисти за време на воена парада во Грозни по повод Денот на победата над фашизмот.