Чеченија забрани музика која е премногу брза или премногу бавна

Чеченскиот министер за култура објави забрана за сите музички, вокални или кореографски дела кои нема да бидат во темпото на традиционалната чеченска музика и вкусот на чеченскиот темперамент. Седнале со Кадиров и со метроном и премудро решиле дека една песна не треба да биде ни брза ни бавна туку -  таман. Следува БПМ спецификација.

Властите во Руската Република Чеченија објавија забрана за музика која ја сметаат за пребрза или пребавна. Министерот за култура Муса Дадаев ја објави одлуката за ограничување на сите музички, вокални и кореографски композиции кои во иднина мора да се движат во темпо од 80 до 116 отчукувања во минута (BPM - beats per minute).

Дадаев рече дека одлуката за темпо меѓу 80 и 116 е договорена со шефот на републиката, Рамзан Ахматович Кадиров.

Директивата била мотивирана со желбата чеченските музички и танцови креации да се усогласат со „чеченскиот менталитет и музичкиот ритам“, со цел на народот и децата да им се пренесе културното наследство на чеченскиот народ.

Практично, ова значи дека во земјата ќе биде забранет многу од рок музиката, техно, електро и низа други музички жанрови кои обично одат над 120 БПМ.

Кадиров е на власт од 2007-ма година. Тој го задуши сепаратистичкото движење кое две децении се бореше за независност од Русија. Честопати е обвинуван за грубо кршење на човекови права, особено за малтретирање, затворање па и убивање ЛГБТ лица. На ваквите критики Кадиров знае да одговори дека во неговата земја не постојат хомосексуалци, а ако ги има, да дојдат и да ги земат. 

Овде имате листа од „гранични“ песни, на максимално дозволените 116 БПМ.

Одиме со една „екстремна“ и „анти-чеченска“ 140-ка:

 

 

8 април 2024 - 14:52