
Обединетото кралство минува низ необјаснив скок на смртни случаи последниве месеци. Мноштво сугестии се нафрлени што е причината за екстра 25.000 починати лица во дадениот период и засега нема едногласно објаснување.
На пример, министерството за здравство објави:
„Анализите се во тек, но првичните впечатоци се дека болести поврзани со циркулацијата и дијабетесот можеби се дел од причините за поголемиот дел од вишокот смртни случаи“.
Претседателот на Кралскиот колеџ за итна медицина не се согласува дека причина се општите здравствени услови, потенцијално влошени во пандемиските карантини и одложувања на прегледите.
„Треба време да се умре од рак, треба време да се почине од срце. Овие состојби веројатно се влошија за време на заклучувањата, но не сум сигурен дека баш тоа е главната причина за толку многу смрт која ја регистрираме годинава.“
Мајкл Марфи пак, од Лондонската школа на економија, вели дека податоците сугерираат дека нешто битно се случува.
Истражувачите и натаму се обидуваат да го дешифрираат коренот на проблемот, па се наведуваат слабостите на здравствениот систем, популацијата која старее, топлотните удари и ковидот како можни причинители. Стравот е дека ситуацијата ќе се влоши во претстојниот зимски период кога здравствениот систем вообичаено е најоптоварен.
Податоците потврдуваат дека вирусот има свое влијание врз состојбата, но работата не е толку едноставна. Ова лето Британија има двојно повеќе смртни случаи поврзани со ковид отколку претходното лето но тоа сепак се 13.000 случаи, што значи дека и вака, десетина илјади вишок смртни случаи остануваат необјаснети.