Брегзит може и да не биде така лош

Додека Тереза Меј го потпишуваше почетокот на преговорите за напуштање на ЕУ, никој не се сомневаше дека ова разделување ќе биде болно за двете страни - а за Британија многу повеќе отколку за ЕУ. Ама не е дека нема позитивна страна.

Несреќата започна со историска грешка во проценка, кога тогашниот премиер Дејвид Камерон одлучи да свика референдум за членството на Британија, а ЕУ одлучи да одбие да му даде какви било значителни отстапки во преговорите што следуваа.

Она што моментално ја блокира можноста за другарско разделување е процената дека за ЕУ е природно да сака да ја казни Британија за заминувањето за да ги спречи другите држави да го направат истото.

Дури и во најпријателско разделување, во кое Британија би останала со недопрени трговски привилегии, напуштањето на Унијата пак ќе го остави островот во полоша економска позиција од претходно. Ова неизбежно ќе значи губење работни места, а падот на фунтата од референдумот веќе ја намали куповната моќ на Британците.

Аргументот против казнување на Британија е дека граѓаните на ЕУ се повеќе имаат легитимни поплаки на Унијата, а нивното замолчување "можеби ќе ги потисне поплаките за сега, ама нема да обезбеди стабилна демократска основа за уставните промени што и се потребни на Европа."

Олеснителна околност во случајот со Британија е што таа никогаш не го прифати еврото, "па со една нога беше надвор од Унијата". Заради ова приказната на Британија не е апликативна кај другите членки од кои мнозинството ја укинаа својата валута и чие заминување би било далеку покрваво. Според Клајв Крук од Блумберг, многу поголема опасност постои ако ЕУ долгорочно не успее да се среди себе си, отколку ако на Британија и се даде коректен договор.

Она што во целата работа може да излезе позитивно за Британија е дека таа ќе врати дел од контролата врз себе што ја изгуби како членка на ЕУ, “а без разлика што викаат елитите, тоа е посебно важно за секоја земја”. Ова ќе дојде на штета на економијата, ама трошокот може да биде намален со изнаоѓање на најблиски партнерства со соседите од ЕУ, и користејќи го заминувањето за либерализирање на економијата и останатите трговски односи, повеќе и побрзо отколку што можеше како членка.

Иако претстојните преговори неизбежно ќе бидат остри, според Крук треба да се разбере дека "коцката е фрлена, и дека понатамошни противобвинувања за тоа како се случи ова не служи на никаква цел, и најдобро е за двете страни да се потрудат направат најмногу што можат од ова."

1 април 2017 - 12:05