Битна нус-појава на руската вакцина

Ако руската вакцина против коронавирусот се покаже безбедна и масовно ефикасна, попат ќе убие (пореално, накратко ќе замолчи) уште една досадна мува: антиваксерите кои цело време тврдат дека сето ова е ујдурма на Бил Гејтс кој сака да нè чипира.

Спутник 1 беше првиот вештачки сателит лансиран во орбитата со што тогашниот Советски сојуз обезбеди технолошко водство во вселенската трка со САД. Со Спутник 5 Русија станува прва земја која лансираше вакцина против коронавирус и го презеде лидерството во трката во која се вклучени многу држави, научни и здравствени институции.

Владимир Путин нагласи дека вакцината ги минала сите потребни фази за да добие употребна дозвола и дека се покажала како безбедно и ефикасно средство за обезбедување долготраен имунитет.

Запад и СЗО во моментов се претпазливи кон овој руски пробив на фронтот против глобалниот ковид-19, потсетувајќи дека вакцината треба да ја мине и третата фаза на испитувањата која знае да трае со месеци и треба да вклучи илјадници луѓе.

Но, Русија е сигурна дека има адут в раце а нејзиното министерство за здравство порачува дека со вакцината се обезбедува најмалку двогодишен имунитет против новиот коронавирус.

Не постоеше поголема потврда за увереноста на Русија во исправноста на нивниот производ од тоа што една од двете возрасни ќерки на Путин била дел од експриментот и ја примила вакцината. После првото боцкање кренала температура 38 која се нормализирала утредента а по ревакцинацијата имало само мало покачување на температурата.

„Оттогаш до денес се чувствува комплетно добро и во себе има голема количина анти-тела,“ обелодени Путин не прецизирајќи за која ќерка - Марија или Катерина - се работи.

Водачот на институтот Гамалеја во кој била произведена вакцината, Александар Гинсбург, најави дека вакцинирањето ќе започне паралелно со изведувањето на третата фаза. На почетокот Русија ќе има доволно вакцини за 10 до 15 свои региони (ги има вкупно 85), масовното производство на вакцината ќе почне во септември за во октомви да започне масовна вакцинација на населението. 

Според непотврдени информации, 20-тина земји веќе покажале интерес за набавка на околу една милијарда дози од вакцината.

Во меѓувреме, лошите и погрешни проценки на Светската здравствена организација, големите утки во моделите и прогнозите на угледни западни институции како и генералната збунетост и неподготвеност на науката да одговори на најбитните прашања околу новиот вирус, пуштени низ појачалата на социјалните мрежи, доведоа до голема скепса во поглед на вакцината и често налудничави наклапања околу потеклото на болеста и „целта“ на пандемијата.  

Види:

Околу видеото каде што Бил Гејтс „боцка мали деца со ГМО и се смее злобно“

11 август 2020 - 18:24