Дајте да го бомбардираме целиот муслимански свет за да ги спасиме луѓето во него! Зошто да запреме кај Исламската држава кога и сириската влада уби куп луѓе? Тоа лани ни беше морален императив, што е сега сменето?
Зошто не ја дигнеме во воздух шиитската милиција во Ирак? Едни од нив во јуни одбраа 40 луѓе од улици во Багдад и ги убија зашто се Сунити. Други масакрираа 68 луѓе во џамија во август. Денес отворено зборуваат за "чистење и требење" откако Исис ќе биде поразен. Висок шиитски политичар призна дека работат на создавање шиитска Ал Каеда која ќе може да ѝ парира на сунитската Ал Каеда.
Кој хуманитарен принцип нè тера да застанеме? Годинава во Газа беа убиени 2.100 Палестинци, вклучувајќи луѓе во училишта и болници. Овие злосторства не бараат ли војна против Израел? Зошто одбиваме да го уништиме Иран? А и Пакистан плаче за пријателско бомбардирање. Зошто не ја срамниме Саудиска Арабија? Само годинава има обезглавено 59 луѓе, некои од нив за прељуба или вештерство. А во 2009-та година Хилари Клинтон напиша: "Саудиска Арабија е клучната финансиска помош за Ал Каеда, Талибанците и другите терористички групи".
Можеби ова е планот: САД минативе години бомбардираа седум претежно муслимански земји. Во секој пример тоа беше оправдано како морален императив. Како што можете да видите во Либија, Ирак, Пакистан, Авганистан, Јемен, Сомалија и Сирија, резултатот е искоренување на џихадистите, искоренување на конфликтите, хаосот, убиствата и мачењата. Злото беше протерано од лицето на Земјата од разлутените ангели на Западот.
Сега имаме нов таргет да дисперзираме милост од небото. Да, практиките на Исис се одвратни. Обама рече дека е тоа "мрежа на злото.' Но, тоа е само една од мрежите на злото.
Неговото бомбардирање веќе го спои Исис со довчера ривалската милиција Џабат Ал Нусра. Откако бомбардирањата започнаа, на Исис им се имаат придружено 6.000 нови борци.
И што ако бомбардирањето успее и постигнеме баланс на силите со Исис, што тогаш? Тогаш ќе почнеме повторно да слушаме за шиитските одреди на смртта и нашиот морален императив и нив да ги уништиме. На пат ќе ни бидат испречени само некои цивили.
Таргетите се менуваат, политиката никогаш. Без разлика кое е прашањето, одговорот се бомби. Во име на мирот и зачувување на животот, нашите Влади се подготвени за бескрајна војна.