Зимска војна во Украина е во корист на Русија

Како што украинската војска изјавува дека се надева дека нивната офанзива до зимава ќе стигне до Херсон, така Русија продолжува со подготовките за контра-офанзива која би можела да почне веќе следниот месец. Исходот од таа битка најверојатно ќе биде крвав и разорувачки, ама малку е веројатно дека ќе ја реши војната.

За подобро да се разбере што ќе се случи во војната во ноември и декември, корисно е да се размисли за текот на настаните од почетокот на војната до денес. Кога Русија ја започна војната на 24 февруари, таа првично ја шокираше украинската одбрана и освои масовни делови од украинската територија, вклучувајќи ја и регионалната престолнина Херсон, која падна за седум дена. Но по првичниот шок, украинските трупи се стегнаа и започнаа пеколен контранапад, посебно на северот од Киев.

До почетокот на април, бројот на руски жртви стана толку висок, и во војници и во опрема, што тие почнаа да се повлекуваат од Киев и Харков, и да се распоредуваат на истокот во Донбас. Русија тогаш започна нова офанзива и до почетокот на јули ги освои Мариопул, Северодонецк и Лисичанск. Ама тогаш, заради значителни загуби во војска и тенкови, руската офанзива почна да губи залет.

Украина го искористи забавувањето на офанзивата на Путин за да оформи сопствен контраудар, и кон крајот на август започна со двојна офанзива во Херсон и во Харков. Првично офанзивата во Херсон не успеа, ама нападите во Харков беа поуспешни од очекувањата на Зеленски. Откако вратија илјадници квадратни километри територија, сега Украинците се тие кои почнаа да губат залет, заради голем дел од истите причини кои ја сопреа и руската пролетна офанзива (значителна загуба на војска и оклопни возила).

Русија сега се подготвува за следната офанзива. Кога војската на Зеленски ги понижи руските сили и освои огромен дел од територијата во регионот Харков, Путин одговори со унилатерално анектирање на источна Украина и прогласи мобилизација на стотици илјади дополнителни сили. На денешен ден Украина продолжува да се обидува да ги турка своите офанзиви против Русите и на северот и на југот во обид да освои што е можно повеќе територија пред пристигнувањето на значителното руско засилување. Меѓутоа овие напори само што станаа потешки.

Како одмазда за украинскиот напад на Кримскиот мост што го поврзува Крим со Русија, Путин лансираше стотици ракети и дронови на голем број украински градови, нанесувајќи значителен удар на енергетската и транспортна инфраструктура. Загубата на енергија нема само да го влоши животот на украинските цивили, туку ќе ги осакати обидите на Зеленски да ги движи силите во военото поле и да обезбеди гориво и струја неопходни за воените напори. Во меѓувреме, Русија изгледа како да се подготвува за голем напад на Украина, кој би можел да се случи веќе во ноември.

За време на украинската офанзива од август, Русите изгледа користат „виткај се, ама не се крши“ стратегија, во која извршија борбено повлекување од голем број градови додека истовремено нанесуваат колку можат повеќе жртви на напаѓачите. Целта е да се купи колку може повеќе време до пристигнувањето на големото засилување од мобилизацијата на Путин. Од септември руските сили тивко прават масовни резерви на гориво и други залихи неопходни за почеток и одржување на голема офанзива, најголемо од почетокот на војната.

Мобилизацијата на руското население имаше големи проблеми и лоши резултати во делови од Русија. Ама не во целата. Исто така има и патриотски елементи во руското општество кои одговорија на повикот и откако се обидоа да поправат одредени недостатоци, руската армија продолжи да расте. Никој не може да го предвиди исходот од претстојната офанзива, меѓутоа трендовите не се во корист на Украина.

Тие го изгубија првичниот моментум на нивната контра-офанзива и трпат значителни загуби како што Русија почна да напаѓа клучна инфраструктура низ земјата на ниво што не е видено од почетокот на војната, додека истовремено се подготвува да воведе уште дополнителни 100.000 или повеќе војници за следната фаза на војната (со дополнителни бранови кои најверојатно ќе се случат зимоска). Температурата веќе почна да паѓа во Украина, и типично од ноември до јануари, може да се очекува снег и температури под нулата.

Додека украинската енергетска и индустриска инфраструктура продолжуваат да страдаат во војната, руските енергетски резерви се речиси бескрајни, а нејзините воено-индустриски капацитети исто така се мобилизирани. До зимоска, тие ќе произведуваат непрестаен тек на оружје и муниција, додека Украина речиси целосно ќе зависи од помошта од Западот која може или не, да стигне на време или во потребните количини.

Сепак војните не се водат на хартија, а ако нешто стана јасно од почетокот, е дека украинските сили се далеку поефикасни и поотпорни отколку што се предвидуваше пред февруари. Суровата реалност, сепак, е дека руската војска и влада исто така учеа лекции и станаа посвесни за реалноста на војната. Затоа никој не може со прецизност да предвиди како ќе се развива следната фаза од војната, меѓутоа многу е јасно дека нивото на смрт и уништување значително ќе порасне, правејќи го животот на украинските цивили уште пострашен.

Даниел Дејвис,
1945

20 октомври 2022 - 12:17