Еден од моите омилени типови вицеви се американските медицински вицеви, од оние „прво лошите вести, после добрите“. Еве еден таков, малку гаден.
Откако жена му поминала низ долга и ризична операција, мажот му пристапува на докторот и прашува за резултатот. Докторот почнува: „Жена ти се спаси; веројатно ќе живее подолго од тебе. Но има компликации: Нема да може да си ги контролира аналните мускули, па од неа постојано ќе излегува срање. Исто така од вагината ќе ѝ тече жолт исцедок со лош мирис, па секс не доаѓа предвид. Плус устата нема да ѝ функцонира, па од неа ќе паѓа храна...“. Забележувајќи ја растечката паника на лицето на мажот, докторот одеднаш пријателски го поттапнува по рамото човекот и му вика: „Не се секирај, се зезам! Сè е во ред - умре на операција“.
Мојот добар пријател од Иран, Камран Барадаран, пред неколку дена ми пиша, откако Иран и САД избегнаа војна и тензијата (привремено) спласна, дека овој виц е многу добар опис на моменталната ситуација. Најпрвин имаше низа лоши вести околу успешната операција (убиството на Сулејмани): скептицизам на сојузниците на САД во врска со чинот; гневни анти-американски протести; закана од иранска одмазда која може да иницира војна од голем размер...Потоа (ранлив и привремен) баланс, но таков кој звучи повеќе како финале на нашиот виц: „Не се секирај, кризата е само заебанција! Сè е во ред - ништо не е разрешено, се враќаме на ужасните геополитички игри кои предизвикуваат постојана криза...“
Изгледаше дека убиството на Сулејмани им послужи на обете страни: во Иран доведе до масовна мобилизација и триумфално прикажување на единство кое барем за момент ги стиши внатрешните конфликти; за САД тоа отвори пат кон војна која би ја елиминирала иранската закана. Сега гледаме дека всушност никој не сакал војна.
Најпрвин, Иран, каде е тој сега? Соборувањето на украинскиот авион доведе до враќање на незадоволството кое сега се заканува дека може да ги наруши основите на револуцијата на Хомеини - ставена е под прашање нејзината базична легитимност, не само доминацијата на радикалите. Користењето на тензијата со САД како средство за мобилизирање на населението во поддршка на режимот даде спротивен резултат, затоа што сега режимот е во поголема опасност отколку претходно. Неочекуваното соборување на украинскиот авион оттаму направи стратегијата на Трамп да функционира: Трамп не мора да почне војна против Иран бидејќи изгледа дека Иран се дави во сопствените проблеми...
Сепак, „успесите“ на Трамп се дел од неговата опасна геополитичка игра: што и да биде финалниот резултат на иранската криза, САД не само што бргу го губат Ирак, туку исто така постепено се потиснувани од голем дел од блискоисточниот регион. Лажното „решение“ на кризата со Курдите во Сирија - тоа што Турција и Русија наметнуваат мир за секој од нив да ја контролира својата страна - сега се повторува во Либија, и во обата случаја САД тивко се повлекува од играњето активна улога. Русија и Турција сега се во идеална позиција да вршат притисок врз Европа: двете земји го контролираат протокот на нафта кон Европа, како и протокот на бегалци, па оттаму тие можат да ги искористат двете нешта како средства за уцена.
Но што ако Трамп го сака ова? Има злокобни знаци кои упатуваат кон ДА како одговор. Тој сега се заканува дека ќе ја пресели царинската војна од Кина кон ЕУ, и јасно е дека омразата кон силна ЕУ е она што ги обединува Трамп, Русија и Турција. Па која е таа Европа која ги нервира Трамп, Путин, Ердоган, како и европските популисти? Тоа е Европа на транснационално единство, Европа која е едвај свесна дека, за да се излезе на крај со предизвиците на моментот, би требало да се придвижиме вон ограничувањата на националните држави; Европа која исто така очајно се обидува некако да му остане верна на старото просветителско мото на солидарност со жртвите, онаа Европа која е свесна за фактот дека човештвото денес е Едно, дека сите сме во истиот чамец (или, како што велиме, на истиот вселенски брод Земја), и дека несреќата на другите е и наш проблем. Европа е во клинч, притисната од Америка од една и Русија од друга страна, и обете би сакале да ја расчеречат: и Трамп и Путин го поддржуваат Брегзит, ги поддржуваат евро-скептиците на сите страни, од Полска до Италија.
Големиот губитник на тековната блискоисточна криза оттаму е Европа, многу повеќе од САД.