Една од доста сериозните болести кои го погодува современиот човек е интелектуализмот. За ова зло можат да се кажат работи како и за други болести; дека напаѓа одреден вид луѓе, во одредени услови и дека се појавува на одредена возраст. Причината е непозната а лековите кои се применуваат даваат мешани резултати.
Како и секогаш. болеста започнува со распаѓање на еден дел од телото. Кога умот почнува да работи без ред и смисла, кога идеите стануваат опсесивни и се трупаат, не оставајќи простор на други видови на живот, поматениот ум страда од интелектуализам. Она што дотогаш било здрава вежба на ментални способности, се претвора во нескротлива желба да се соберат што повеќе податоци, што повеќе бројки, да се пронајде причината - за што ида се работи - на необјаснивото, за да се разглаба за неразбирливото, да се презре сè што не минува низ ситото на интелектот.
Таквиот човек е деформиран. „Главата“ несразмерно му расте а истовремено, сите други аспекти атрофираат: чувствата се ладат, верата се гаси, волјата слабее а телото затапува. Сè што не може да се рационализира, не заслужува да биде живо.
Зборуваме за оваа чудна и страшна болест затоа што сè поголем број луѓе биваат од неа погодени, но и затоа што, за жал, филозофијата често се обвинува како една од нејзините причини. Во тој контекст, филозофијата се замислува како интелектуална вежба во која се комбинираат секакви концепти, од конкретни до апстрактни и во која зборот има многу поголема вредност од самиот концепт. Омилениот начин на изразување на човек заробен во интелектуализам е неразбирлив, исклучително комплициран, во поголемиот број случаи без значење, но многу впечатлив, звучен и категоричен, до таа мерка што спречува каков било одговор или желба за дополнителни објаснувања.
Размислувањето и говорот не можат да се отфрлат, напротив, тие мораат да бидат поврзани со соодветно делување и чувствување. Интелектуалните способности се корисни ако служат за хармонизирање на човечкото битие. Телото мора да добие соодветно внимание, чувствата треба да се негуваат со исто внимание како и идеите, а волјата треба да се покрене заради конкретно постигнување на најблагородните стремежи.
Урамнотежен човек е оној кому главата не му тежи повеќе од стопалото, ниту обратно.
Болеста за која зборуваме, значи, произлегува од незнаење, без оглед на тоа колку се користи умот. Најефикасен противотров е мудроста во која сите човечки моќи се здружуваат за да постигнат потполн израз на секоја од нив.
Здрав човек може да биде интелектуален, но не и интелектуалист.