Лесно е да направиш некој да изгледа злобно или моронски кога го контролираш начинот на кој е претставен во јавноста. Лесно е и да го обвиниш човекот за нешто што го кажал кога ти контролираш каде почнуваат, а каде завршуваат речениците. Ти одлучуваш дали ќе бараш појаснување кога некој зборува двосмислено. Ти одлучуваш дали ќе го испечатиш или ќе го објавиш тоа појаснување. Ти ги местиш зборовите во редослед кој им дава значење, или им го одзема вистинското значење. Можеш да користиш слободен индиректен дискурс за да си ја вметнеш сопствената конструкција на нечии идеи на начин кој го задржува или го менува нивното значење.
Ова може да се заклучи од профилот направен за Џордан Питерсон во Њујорк Тајмс и од ураганот од твитови и реакции што беа предизвикани.
Питерсон по темперамент е баш тип на личност родена да биде таргет на дигитални новинари и толпи по социјални мрежи. Апсолутистички е одлучен да ја зборува сопствената вистина во секое време, без разлика на последиците и има размислувања што задираат во сржта на некои од најзидржливите современи вредности. Често зборува на приватен жаргон без многу да размислува за разбирливоста и не е до крај свесен како го сфаќаат. Понекогаш се однесувал и неприкладно и одбива да покаже жалење за тоа, од принцип.
И многу е тврдоглав.
Од сите овие причини, Питерсон е архетипска жртва и мета во овие поларизирани времиња. За помалку од две години (со исклучок на Трамп), тој стана можеби најомразената личност меѓу новинарската и интелектуалната класа во Канада и Америка. А паралелно, како што обично бива, стана и најсподелуваниот предавач во историјата на светот. Во негова сопственост има платформа многу поголема од платформите на сите негови критичари заедно. Не само што се потпира на чуварите на прогресивниот консензус за да заработува за живот; тој напредува со тоа што се бунтува против нив.
Профилот во Тајмс беше раширен на социјалните мрежи за да го разоткрие Питерсон како псевдо-мистичен опскурант кој „верува во вештерки” и како карикатура на мизогинист. Како може таква забегана фигура, која „ги напаѓа мејнстрим и либералните обиди да се промовира еднаквост” воопшто да стане славна? Дека размислувањата што му ги припишуваат на Питерсон не се негови, воопшто не ја интересира јавноста и чуварите на јавното мислење по социјалните мрежи. Тие едноставно продолжуваат да повторуваат лажни тврдења, базирани главно на фрагменти вадени од контекст и тврдења без докази додека тоа не стане општо-прифатен факт, имун на поправка или појаснување.
Заклучокот, Тајмс го доведува до една дијалектика која се повеќе го голта начинот на функционирање на медиумите во време на Твитер. Наратив генериран на социјалните мрежи се враќа назад во секојдневниот печат, па после назад на Твитер во форма на новинарство кое всушност го потврдува веќе постоечкиот наратив. По пат добива сила, со тоа што ги наградува тие што го поддржуваат, а со напади и отфрлања од страшната онлајн толпа ги казнува тие кои се оградуваат од него. Оваа машинерија за спонтана координација на „правоверие” ги експлоатира недостатоците на нашата еволуирана психологија - Confirmation bias е тенденција да го спуштиме прагот на потреба од докази за тврдења кои се конформираат на тоа на кое веќе сме навикнати, што ни е познато и во кое сакаме да веруваме. Аvailability heuristic е тенденцијата да ја измешаме сликовитоста на еден пример со тоа колку често се појавува. И со овие ментални алатки се стегаат штрафовите на „партизаните” дека единствените луѓе што смеат да си дозволат да им се спротивстават се кретени и будали и на тој начин можеш да убедиш и инаку паметни и скептични луѓе да прифатат и да повторуваат блатантни измислици.
Самиот наратив беше предобар за да му се оддолее. Питерсон се воздигна паралелно со Доналд Трамп. Од анонимност излезе како маж, белец и професор од Канада со цитирање на Ниче, Карл Јунг, еволутивна психологија и социобиологија, поткопувајќи ги општествените темели на западната цивилизација и прикажувајќи се како бранител на слободниот говор - титула која претходните кампањи на Твитер веќе му ја оспорија. Се прославува со тоа што брани хиерархии со многу ризичен обид да ги асоцира иницијативите за „разноликот, инклузија и еднаквост” со хорорите на гулагот. Го сакаат десничари и активисти за машки права, кои гледаат да го убедат светот во постоењето на „машката жртва” за да можат да ја вратат нивната кршлива доминација.
Реално, треба да се изгледаат неколку часа од неговите предавања за да се дојде до заклучок кој е всушност Џордан Питерсон, кои му се мотивите и кои би биле последиците ако светот ги прифати неговите идеи - а реалноста е дека Питерсон не поддржува ништо што не би се вклопило удобно во десничарските и левичарските вредности. Ова човек може да го заклучи само од неговите видеа достапни онлајн, и тука е Ахиловата пета на кампањата против Џордан Питерсон: не мораш да се потпираш на новинарските авторитети во време на интернет. Можеш да видиш сам.
А сепак, бесот останува, не само кон него туку и кон неговата публика, наводно составена од „млади, бели мажи”, што е заклучок на неговите критичари од новинарската фела (од кои повеќето се белци, а многумина се и мажи). Со тоа што, овој наметнат, рекла-казала детаљ воопшто не е точен и најверојатно никогаш не бил. Питерсон го следат сите раси, и мажи и жени.
После некое време стана јасно дека тоа што десничарите си го прибраа Питерсон за свој, беше еден несреќен случај на едно масовно „се препознав”. И многу скоро, гласноговорниците на овие отровни и аморфни интернет тенденции заеднички решија дека Питерсон е всушност пратен од левичарите за да го уништи десничарското движење, за да им го растури и да им ја исцеди енергијата, преточувајќи ја кон индивидуализам кој би бил фатален за нивниот личен расистички етнонационализам.
А Питерсон, точно, е суров опонент на политики кои сакаат да зборуваат во име на интересите на жените и расните и сексуалните малцинства. Но тоа не го прави сојузник на крајната десница, ниту го прави непријател на истите тие расни и сексуални малцинства. Тој е едноставно еднакво опонент на десничарите и на левичарите, а тоа што авторитетите имаат тенденција да го нарекуваат расист, води кон заклучок дека сме на опасно тло - да изедначуваме критика на било која идеолошка иновација која има за цел да зборува во име на малцинствата - со расизам.
За да се долови текстурата на размислувањата на Питерсон за расите, доволно е да се погледне неговиот одговор за еден студент кој го прашал што мисли за структуралниот расизам:
„Тоа е повеќеслоен проблем,” почнува Питерсон.
„Ниедно општество не е без пристрасност и предрасуди, а некои од нив се вградени и во самите системи. На тој начин, кога ќе ги погледнеш нееднаквите исходи и се обидуваш да откриеш зошто тие постојат, ако имаш малку разум, правиш мултиваријабилна анализа и ги ставаш и предрасудите и диксриминацијата како еден фактор. Еден од факорите. Еден од многу, многу фактори. Проблемот со радикалните левичари е што го земаат фактот дека нашите структури се тирански до одреден степен - и така е, затоа што се несовршени - и после ја уништуваат останатата комплексност со таа изјава. Значи постојат многу причини за нееднаквост. Системската пристрасност е една од нив. Отворено прашање е до кој степен системската предрасуда игра улога во проблемот со нееднаквоста. Ниеден систем не е совршен. Нашиот сигурно не е.”
Питерсон, се разбира, не изучува расна нееднаквост. Нема многу ново да додаде на дискусијата, освен општи, разумни заклучоци за вистинскиот начин да се пристапи до овој вистински, комплексен проблем на социјалните науки. Она што тој го отфрла на еден карактеристично квалификуван начин е идеолошката догма која наметнува монокаузално објаснување на мултиваријабилен проблем преку лажна поделба на светот на угнетувачи и угнетени.
На пример, околу разликата во примањата на мажите и жените, Питерсон објаснува дека просечните скромни разлики меѓу нив стануваат огромни на крајните делови од спектарот. Така, додека просечниот маж ќе биде поагресивен од просечната жена во 60% од времето, луѓето што се агресивни до степен да мораат да бидат во затвор се најчесто сите мажи.
Овој заклучок не е контроверзен меѓу теоретичарите на личноста (поле на кое сè уште се гледа со скепса), но сака да каже дека разликата во примањата има врска со вродени разлики во личноста како еден фактор меѓу многу други фактори кои придонесуваат за овој комплексен проблем. Питерсон внимателно објаснува дека сексизмот е еден фактор - еден од многуте - кој придонесува кон разликата. Да се припишат тие разлики исклучиво врз основа на концептот на патријархатот значи откажување од испитување на проблемот и принципиелното размислување. Ниеден сериозен економист, на пример, не би прифатил такво еднопричинско објаснување како диспозитив на проблемот. Но медиумите се опседнаа со тие што ги опишуваат тврдењата на Питерсон за мултиваријабилните фактори кои придонесуваат кон разликата во примањата како докази дека е мизогинистички настроен „чувар на патријархатот”.
Има нешто што се граничи со хероизам и динкихотство кај Питерсон, што го прави толку голема тема на разговор кај нафурани интелектуалци и остри новинари. Има буквално десетици илјади студенти кои многу повеќе се разбираат во постмодерната мисла од него. Неговите твитови и текстови како реплики на текстот во Тајмс покажуваат дека се работи за личност без никакво чувство за тоа како ќе го сфатат луѓето што немаат ист систем на референци како него. Како еден класичен Дик Соломон, тој постојано прашува: „Зошто не сфаќате дека не зборувам за вистински мажи и жени, туку за симболичното Машко и Женско во архетипското мислење на Јунг? Зошто не сфаќате дека „наметната моногамија” е антрополошки термин?” Ништо нема да ви биде јасно за Џордан Питерсон додека не сфатите дека оваа негова збунетост е потполно искрена.
Сега живееме во опасни и тешки времиња за новинарството. Клик-бејт стратегијата која ќе пропадне во поглед на приходите, останува дифолт во навиките на цела генерација дигитални новинари кои се научени да работат без да мораат да наведат извори. Наместо тоа, препакуваат позајмена мудрост како факт, за да ослободат наративи кои генерираат активност преку онлајн расправии и профит од крајностите кои ги потхрануваат. Придобивките од закачање на интернет врз основа на намерна злоупотреба или некомпетентно толкување се толку големи, што дури ни интелигентните коментатори не можат да им оддолеат. Тоа го загадува дискурсот и ги извитоперува умовите на многу, инаку паметни, луѓе.
Иако бројот на луѓето што го следат Џордан Питерсон упорно расте и го богати, прогресивниот консензус се имунизираше од неговата порака - и тоа порака која е фундаментално точна од повеќе клучни аспекти. И не треба да се дозволи театралноста со која е опкружен - креирана и од него самиот и од другите - да го засени фактот што Питерсон е тој кој е умерен, а чуварите на мејнстрим размислувањето кое го осудува се тие што се закачени на екстремни доктрини. Има многу работи што прогресивниот консензус мора да престане да ги вградува во своите убедувања. Дека Џордан Питерсон е опасен, радикален десничар и дека тие се чувари на сè што е добро и правично - не може да биде подалеку од вистината.
Весли Јанг, за Таблет