Кога на 6 октомври ЕУ реши да воведе ограничување на цената на руската нафта како дел од новиот пакет санкции против Москва, 23 министри за нафта од групата земји-производители на нафта ОПЕК + се изјаснија за нагло намалување на нивната заедничка квота.
Нивната колективна одлука да го намалат производството за околу два милиони барела нафта дневно предизвика силни реакции, особено во САД, каде во некои кругови тоа се доживеа како „објавување војна“.
ЕУ се чувствуваше измамена, бидејќи намалувањето на производството на ОПЕК + природно ги зголемува цените на горивото и може да ги анулира нивните осум пакети санкции. И покрај честиот наратив за светот кој се движи кон „пост-нафтената ера“, ОПЕК останува силен елемент во равенката.
ОПЕК е појак од кога било
ОПЕК и 10 производители на енергија кои не се членки на ОПЕК – вклучително и Русија – ја координираат својата производствена политика од декември 2016 година. Во тоа време, аналитичарите даваа мали шанси овој формат, „ОПЕК плус“, да има влијание.
„Се сеќавам на исмејувањето на многумина кои ја презираа таквата објава на ОПЕК во Виена. Но, ОПЕК ја преброди бурата на глобалниот пазар на нафта и се зацврстува како клучен играч“, вели доктор Карин Книсл, долгогодишен енергетски аналитичар, своевремено и шеф на австриската дипломатија.
Денес е обратно од синкопите на нафтениот пазар помеѓу 1973 и 1985 година, кога постоеше мал консензус меѓу членките на ОПЕК а многумина веќе го напишаа некрологот на организацијата. Во тие денови, беше нормална практика Ријад да ги извршува интересите на Вашингтон: доволен беше еден телефонски повик од главниот град на САД.
Денес, поранешните ривали како Саудиска Арабија и Русија успеваат да ги спојат своите интереси во моќни карти в рака.
Финансискиот против енергетскиот сектор
За навистина да се разбере суштината на конфликтот во Украина - каде што беснее прокси војна - таа треба да се сведе на следново: САД и нивните европски сојузници, кои го претставуваат и поддржуваат глобалниот финансиски сектор, во суштина се вклучени во битка против светскиот енергетски сектор.
Во изминатите 22 години, видовме колку им е лесно на владите да печатат хартиена валута. Само во 2022 година, американскиот долар отпечатил повеќе книжни пари отколку во неговата вкупна историја. Енергијата, од друга страна, не може да се печати. И тука лежи фундаменталниот проблем за Вашингтон: трговијата во примарниот економски сектор може да ја надгласа финансиската индустрија.
„Кога ја напишав мојата книга „Енергетскиот покер“ во 2005 година, се занимавав со прашањето дали долгорочно ќе се тргува со нафта во американски долари. Тогаш моите соговорници од арапските земји на ОПЕК едногласно се колнеа дека американскиот долар нема да се менува. Сепак, 17 години подоцна, тоа гледиште драстично се промени. Ријад се загрева на идејата за тргување со нафта во други валути, како што е со Кинезите и јуаните. Саудијците, исто така, продолжуваат да купуваат руско како и другите држави од Западна Азија и глобалниот Југ. Тие се одлучија да ги игнорираат западните санкции кон Москва и сè повеќе се подготвуваат за новата меѓународна состојба на мултиполарност“, пишува Книсл.
Во суштина, Вашингтон ја губи својата моќ врз ОПЕК, кој сега геополитички се репозиционира како проширен ОПЕК +.
Гневот на Американците
Непослушноста на Саудијците и другите од ОПЕК+ боли дотаму што во САД се загрева идејата да се примени тн. НОПЕК закон, по кој, во име на борба против картелите, Америка ќе си даде за право да запленува имот на ОПЕК земји.
Тоа пак е опасно заради реалната можност западна Азија дополнително да излезе од орбитата на САД, што се случува последниве години. Многу арапски престолнини го немаат заборавено рушењето на Хосни Мубарак во 2011 и колку лесно Америка му сврте грб на својот долгогодишен сојузник.
Кина е добро подмачкана машина
До раните 90-ти, Кина ги задоволуваше своите нафтени потреби со домашно производство, околу 3-4 милиони барели дневно. 15 години забрзан економски раст подоцна, Кина стана најголемиот светски увозник на нафта. Саудиска Арабија и Ангола им даваат најмногу нафта но главен снабдувач на гас е Русија.
Како што екс премиерот Вен Жиабао рече:
„Секој мал проблем, кога ќе го помножиш со 1,3 милијарди, станува голем проблем“.
Рускиот превид
„20 години тврдев дека гасоводите се движат кон исток, а не кон запад. Веројатно една од најголемите грешки на Русија беше инвестирањето во инфраструктура за потентниот, но неблагодарен европски пазар. Откажувањето на проектот „Јужен тек“ во 2014 година требаше да послужи како лекција за Москва да не го проширува „Северен тек“. Времето, нервите и парите можеше подобро да се потрошат за проширување на мрежата кон исток“.
Никогаш не се работеше за Украина
Уште од почетокот на воениот конфликт во Украина во февруари 2022 година, ние во суштина гледаме како западната финансиска индустрија ја води својата војна против енергетската економија во која доминира истокот.
Предноста секогаш ќе биде кај второто, бидејќи, да потсетиме, за разлика од парите, енергијата не може да се печати. Количините на нафта и гас потребни за замена на руските извори на енергија не можат да се најдат за една година. И ниедна стока не е поглобална од нафтата. Секоја промена на пазарот на нафта секогаш ќе влијае на светската економија.
„Нафтата прави и уништува нации“. Тоа е цитат што ја олицетворува важноста на нафтата во обликувањето на глобалните и регионалните поредоци, како што беше случајот во Западна Азија после Првата светска војна: прво дојдоа нафтоводите, а после нив - границите. Покојниот поранешен саудиски министер за нафта Заки Јамани еднаш ги опиша нафтените сојузи како посилни од католичките бракови.
„Ако е така, тогаш стариот американско-саудиски брак влегува во фаза на одвоено живеење а Русија поднесе барање за развод од Европа“, пишува Книсл.