Во кој медиум се крстите?

Од пренесувачи на вести и информации, медиумите се имаат претворено во конфесии чија главна мисија е да ја докажат правоверноста на своите наративи при што погрешноста на ривалската вера и приказните за глупоста „на оние другите“ се главна содржина на медиумските литургии.

Вестите во Америка порано беа забавни за муабет, забавни за шегување, интересни за размислување. Сега тоа е еден бесконечен срам, затоа што медиумскиот бизнис ги презеде карактеристиките на онаа институција каде што не се дозволени муабети, шегачење размислување: црквата.

Имаме две политички деноминации, при што и двете ги отфрлаат фактите како и вистинските цркви, што може да се види во анкетите за, да речеме, пандемијата, анкети во кои Американците постојано покажуваат дека знаат помалку отколку што мислат.

Истражувањата покажаа дека една третина од републиканците мислат дека асимптоматските не пренесуваат ковид, или дека таа болест убива помалку луѓе отколку грипот или сообраќајните несреќи. Но и демократите брутално паѓаат на тестот на познавање на работите: 41% од нив веруваат дека најмалку половина ковид пациенти завршуваат хоспитализирани (вистинскиот број е меѓу 1% и 5%) а исто така манијачки ја преценуваат опасноста по децата, процентот на смртни случаи под 65 години, ефикасноста на маските и сл.

Ова е резултат на медиумскиот фокус во кој е најважен „наративот на приказната“ при што огромни количини ресурси одат кон докажување на погрешноста на ривалската вера.

Сината (демократска) публика обожува приказни за тоа како на смртна постела завршиле црвените (републикански) негирачи на ковид, приказни од кои некои се реални, но некои и повеќе од сомнителни.

Во меѓувреме, типична приказна на Фокс е онаа за жена која се онесвестила и удрила во телефонскиот столб додека носела маска сама во кола.

Приказните за глупоста на оние другите се новата национална религија, кои се сфаќаат многу посериозно отколку што која било религија била сфаќана сериозно од паметниот свет долго, долго време наназад. Тоа е особено присутно меѓу поранешните либерали.

Со децении, оние што читаат вести звучеа како Рон Бургунди со неговото: „Оваа вест само што ми ја предадоа. Едвај и да знам што се вика во ова срање а сигурно не ме заболе за тоа толку за да лажам нешто околу тоа.“

Денес оние кои читаат вести звучат како проповедници. Го користат секој мисионерски трик од учебниците за да ги привлечат верниците, од предвидување дека крајот е близу, преку беатификација на личности па до прогласување вештерства.

Америка денес е нација на конфронтирани медиумски вери.

Fox/OAN/Newsmax, во стилот на Џироламо Савонарола, проповедаат еретички госпели за корумпирани елити кои нè лажат за сè: од изборните резултати до ефикасноста на вакцините. 

Во меѓувреме, ривалската Црква на Меинстримот, себе буквално се опишува како „вистинската вера“ и ексклузивен арбитар околу работи како што се „фактите“ и „науката“, притоа најавувајќи доаѓање на фашистичка апокалипса. 

Нејзините свештеници отворено го празнуваат кови како „одмазда“ за „неверниците“ и сите оние кои не ѝ верувале доволно на науката.

Затоа не чудно, луѓе кои премногу и предолго слушаат такви свештници, да носат маска кога сами се возат во кола. 

Мат Таиби

 

1 октомври 2021 - 11:34