Варуфакис: Јадна Германија

Германските граѓани почнуваат да ја откриваат големата лага што нивните лидери им ја кажуваат веќе три децении. Фискалните суфицити не беа резултат на добро осмислена економска политика, туку на неинвестирањето онаму кај што треба. Да, Фолксваген наскоро ќе продава повеќе електрични коли, само што, парите ќе одат во Кина.

Тешко е да признаеш дека економијата на твојата земја се распаѓа и дека твоите лидери со децении те мафтаат дека твојот тешко заработен животен стандард е заслужен и безбеден. Тешко е да ја предадеш својата иднина во рацете на рамнодушни странци и да сфатиш дека Европската Унија, на која цело време си ѝ и верувал, нешто крие од тебе. Дека европските партнери од кои очекуваш помош те третираат како мрза и штетник. Дека економските елити во твојата земја и надвор постојано го одложуваат закрепнувањето. Дека си принуден да правиш длабоки и болни пресеци кои не водат на подобро.

Ние во Грција го разбираме тоа многу добро. Истото го доживеавме на почетокот на 2010 година. Денес Германија е изложена на слични понижувања. Иронијата е што во цела Европа, токму Грција е таа која најдобро разбира колку Германија не го заслужува ова, бидејќи нејзината тешка состојба е резултат на заеднички, европски неуспех. И дека никој, а најмалку напатената Грција, јужна Италија, Шпанија и Португалија (или PIGS, како што нè нарекуваа) - нема причина да се радува на нејзините маки.

Длабоките промени во Германија се производ на економски модел кој се засноваше на ограничување на растот на платите, евтин руски гас и напредни технологии во машинската индустрија - особено производството на мотори со внатрешно согорување. Таквиот модел ѝ обезбеди на Германија високи трговски суфицити во четири фази од повоениот развој: во Бретон Вудс економскиот систем воспоставен под надзор на САД кој воспостави фиксни девизни курсеви и отворен пристап до пазарите во Европа, Азија и Америка; потоа во периодот на единствениот европски пазар кој се покажа како многу профитабилен за германските извозници; па повторно по воведувањето на еврото, кога германските стоки и пари ја преплавија периферијата на Европа благодарение на кредитирањето на купувачите и конечно, кога гладта на Кина за готови производи и полупроизводи од Германија го неутрализираше падот на побарувачката во јужна Европа поради кризата на еврото.

Германските граѓани почнуваат да се помируваат со пропаста на стариот економски модел и да ја откриваат големата лага што нивните лидери им ја кажуваат веќе три децении. Значителните фискални суфицити не беа резултат на добро осмислена економска политика, туку на пропустот да се инвестира во чиста енергија, критична инфраструктура и во двете клучни технологии на иднината: батериите и вештачката интелигенција. Зависноста на Германија од рускиот гас и кинеската побарувачка беше неоодржлива на долг рок. Ова не се ситни проблеми кои лесно може да се решат.

Тврдењата дека германскиот модел е компатибилен со европската монетарна унија исто така се покажуваат како лажни. Во отсуство на фискална и политичка унија, ЕУ очекувано ги оптовари медитеранските земји, банки и корпорации со долгови кои не можат да се вратат, принудувајќи ја Европската централна банка да избере помеѓу напуштање на еврото и трајно прикривање на банкротот.

Граѓаните на Германија почнуваат да го разбираат ова гледајќи ги маките на Европската централна банка, која ќе погреши и ако значително ги зголеми каматните стапки (поради што Италија и неколку други земји би имплодирале), а ќе погреши и ако не стори тоа (бидејќи нема да успее да ја стави инфлацијата под контрола). Германските граѓани сега сфаќаат дека политичарите ги лажеле кога тврдеа дека економскиот модел може да ја преживее кризата од 2008 година, под услов сите земји од еврозоната да практикуваат мерки за штедење. Исто така, се покажа дека фобијата на нивните лидери од стимулации произведе траен социјализам за јужноевропските олигарси, француските и германските банкари и закостените корпорации.

Некогаш, оние меѓу нас кои ја критикуваа идејата дека секоја земја од еврозоната треба да стане како Германија, истакнуваа дека германскиот модел функционира токму затоа што никој друг не го применува. Денес, во свет каде што веќе нема евтин гас и каде што започнува нова студена војна меѓу Америка и Кина, германскиот модел повеќе не е одржлив дури ни во Германија.

Точно е дека германскиот извоз донекаде ќе закрепне благодарение на падот на еврото. Фолксваген ќе продава повеќе електрични автомобили кога ќе се обноват синџирите за снабдување. БАСФ ќе се врати во форма кога ќе се најдат дополнителни извори на енергија. Она што нема да закрепне е германскиот модел: голем дел од приходите на Фолксваген ќе одат во Кина, од каде доаѓаат новите технологии за батерии, а огромен дел од вредноста ќе се пресели од хемиската индустрија во секторите поврзани со вештачката интелигенција.

Некои од моите германски пријатели се надеваат дека падот на вредноста на еврото ќе го оживее германскиот модел. Но, тоа нема да се случи. Земјите со ниска заштеда како Грција или Гана ќе имаат корист од девалвацијата. Земјите со високи заштеди, со структурни трговски суфицити, нема. Сè што ќе се случи е дека сиромашните домашни потрошувачи ќе ги субвенционираат богатите извозници, спротивно од она што ѝ е потребно на Германија.

Мојата порака до моите германски пријатели е едноставна: бадијала е да жалите за минатото. Надминете го порекнувањето, гневот и депресијата и почнете веднаш да работите на нов економски модел. За разлика од Грција, вие сè уште имате доволно суверенитет да го направите тоа без да барате дозволи од кредитори.

Но, прво треба да ја решите критично важната политичка дилема: дали сакате Германија да го зачува својот политички и фискален суверенитет? Новиот модел не може да функционира во рамките на постоечката еврозона. Ако не сакате враќање на германската марка, потребен ви е модел кој ќе биде вграден во целосно развиена, демократска европска федерација. Секоја друга опција е само продолжение на големата лага која штотуку ја откривте.

Јанис Варуфакис

7 август 2022 - 10:06